Писма на извозени читателки

Tој изгледа толку убеден во тоа што го прави, со радост на лицето дека му служи на некој министер, кој денес е тука, утре не е, ама битно ТОЈ е тој што му го сочувал лифтот, па ете, направил нешто корисно за државата.

Секое утро околу 8:30 се случуваше едно те исто: гужва, турканици, редење еден позади друг, туркање со лакти од некои, за иста цел – да се качиш во лифтот за да стасаш навреме да се откуцаш на работа. И додека чекаш, гледаш дали има некој од твоите колеги пред тебе за да му ја тупнеш картицата за да те откуца – и услуга што секој ти ја врши оти утре може ти ќе бидеш пред него дојден/а. Арно ама, сѐ ќе беше така разбирливо и прифатливо додека не почнаа да се „чуваат лифтовите“, т.е. да ти го земе пред нос оти дошол министерот.

Гледаш ама не ти се верува со очи што гледаш, си велиш дали си расонет или уште ти трае трилер филмот од синоќа, ама неее, па навистина доаѓа униформа од Securicom и како од филмски кадар со специјалци ти вели:

„Ај ако сакате малце настрана, доаѓа министерот!“

И оп, таман си фатил место пред лифтот, таман си израчунал дека имаш време за кафе и малце сурфање по нет и кликање на ФБ, некој ти ја руши математиката и ти вика „Нее, нема да стасаш оти овој е побитен од тебе да стаса прв“. Нејсе, си викаш - Добро, ај министер, ама не гледам причина да се прави театар, да се стопира сообраќај пред лифт, да се буткаат настрана неговите работници, да се ослободи простор колку за да помине, оти ионака нема појќе простор, та ако некој сака да му акне бомба секако сите ќе летаме во воздух. И онака, недоручкувана, непиена прво кафе, уклучуваш малце мозок и сфаќаш во секунда некои работи па му велиш на дечкото од Securicom:

„Добро, да те прашам, од каде па ти надлежност да вршиш обезбедување на министерот дур се вози во лифт? Од каде пак надлежност на министерот или неговиот кабинет да ти наредува тебе да го обезбедиш лифтот? Вие сте приватна компанија... И последно и не помалку значајно – од каде тебе мисла дека ти работиш за него?!“

Дури да не ти се верува што одговори Дечкото од Securicom: „Мене ми јавија од горе (тоа горе не утврдивме каде е и кој го претставува, ама дефинитивно е надвор од зградата и нешто многу повисоко од зградата на МРТВ) и ми кажаа да го обезбедам лифтот и да не пуштам никого“. Вау!

Ти му велиш: „Ти знаеш за кого работиш и пред кого одговараш? Дали воопшто знаеш дека не работиш ти за никаков министер, нит влада, која бај д веј ја нема, за никакви министерства, туку си вработен во приватна фирма која дава услуги на обезбедување на простор, а не на личности.“

И се фаќаш себеси како едуцираш некого за органи на државна управа и министерства и надлежности, а всушност се работи за приватна фирма која „нуди услуги на обезбедување и гарантира професионална внатрешна и надворешна заштита на доверените објекти: административни простории, банки, хотели, индустриски објекти…“

И го гледаш не се распаѓа пред тебе, нему му изгледа како ти да сакаш да му скинеш филм, а он таман веќе се фатил себеси како е корисен, како прави нешто многу важно, гледаш дека не му удира во глава твојата логика и дека не го збунуваш, тој, Дечкото од Securicom, тој изгледа толку убеден во тоа што го прави, со радост на лицето дека му служи на некој министер, кој денес е тука, утре не е, ама битно ТОЈ е тој што му го сочувал лифтот, па ете, направил нешто корисно за државата. Со таков израз на лицето како да му објасниш дека би функционирал системов многу подобро ако сите си ги знаевме своите надлежности или до каде ни е долга чергата.

И не, не му се налутивме на министерот, тој си дојде, си се качи фино лепо пред сите нас, си ги искористи привилегиите што му ги подарува Дечкото од Securicom, што му ги измислува Дечкото од Securicom, оти денес да се качиш во лифт за на работа е привилегија од прв степен. Оти најбитно тој ден за Securicom очигледно дека е Министерот навреме да стаса со лифтот на работа! Одлично се грижат за работењето на избраниците од народот. Секоја чест.

„Притиснете на 13-ти кат, ве молам“ – министерство за животна средина и просторно планирање.

Л.П.

23 февруари 2017 - 11:03