Неруски писма на читателки

Многу ми е жал што ќе Ве разочарам, но целата заслуга за одбивање прекрстување е наша, на Македонците. Просто прескапа ни е цената, срамна, понижувачка, бескомпромисна....ван памет.

Почитувани Дами и Господа во многу странски новински агенции, и некои политички претставници (ќе се препознаат),

Деновиве, или скоро 48 часа, сме бомбардирани од разноразни изјави за референдумот што заврши со среќен исход во Македонија, мојата земја, но исто така и од многу новинарски написи, и политички изјави кои се просто толку далеку од вистината, што е невозможно човек да остане рамнодушен на толку неточности.

Како прво, би сакала да Ви укажам дека јас припаѓам на 2/3 дел на македонски народ кој одби на референдумот да го менува името, и жали што преку уцена се бараше од нас да стигнеме во, да речам, посакуваната ЕУ.

НАТО е аут оф квешчн, барем за мене.

Просто е смешно што во кристално јасна ситуација како нашава, во која Македонците не се откажуваат од себе, од минатото и своето име, заради каприцот и паранојата на нашиот јужен сосед, Вие заслугата за бојкотот ја доделувате на Русија.

Многу ми е жал што ќе Ве разочарам, но целата заслуга за одбивање прекрстување е наша, на Македонците. И верувајте ми, сите ние сме скршени што патот до ЕУ водеше преку ново крштевање, кое се виде дека не ни е прифатливо.

Просто прескапа ни е цената, срамна, понижувачка, бескомпромисна....ван памет.

Сакам да Ви обрнам внимание наместо да се занимавате со рускиот фактор кој беше де факто отсутен во целава проблематика, да му посветите малку должно време на вистинскиот мотив и фактор, и оддадете респект на достоинството и големината на македонскиот народ, за сè што покажавме, во ионака тешката економска и политичка ситуација во која се наоѓаме.

Понатаму, доколку Меркел, Курц, Столтенберг, Могерини, Хан и ред други, беа Руси, ќе беа точни сите написи кои известуваат дека во Македонија имало силно мешање од руска страна.

Јас Ве прашувам, дали се сите наведени, можеби Руси, Ве молам?

Да беа Руси, баш ќе имаше логика текстот за мешање.

Сакам да ги искоментирам и вестите кои објавуваат дека "мнозинството" (1/3) гласачи во Македонија на референдумот се изјаснило дека е ЗА промена на името.

Се прашувам, дали само на третооделенец му е јасно, или навистина требале сите досега да научат дека дропката 2/3 е повеќе од 1/3 !?!

Народ е целото, а не само излезениот дел на избори. Па волјата се брои од сите, фала Богу. Пробавте, а се посрамивте и избрукавте сите коишто се обидувавте да продадете другачија вистина. Not buying it...ама ич.

Просто "воодушевуваат" на некој начин и понатаму упорните обиди на искривување на вистината преку странските гласила. Како на пример, кога денес прочитав дека 1/3 од гласачкото тело е раселено и едноставно не било возможно да се постигне поголема излезеност од добиената во неделата на референдумот. Демек, се' си е таман, и резулатот ветува.

Важи, аха 😀

Ама има и еден друг момент (освен апсурдната бројка на раселени лица), а тоа е фактот што има поставено изборни места во дијаспората, и Господата раселени Македонци доколку посакале, можеле да гласаат.

Само што, за волја на вистината, повеќето не посакале. Бојкотирале. Не прифатиле прекрстување. Ни уцена.

Простете што не одолеав, но за мене беше претешко да се читаат куп невистини за сè што се случува, зборува, слави, очајува, и жали во нашата земја.

Повелете кај нас, и може само да Ви биде мило да се уверите на лице место со колку страст и семожни сили се обидуваме да докажеме правда и нефер игра кон нас од многу посилна/и, помоќна/и земја/и, само поради тоа што се тоа што се, големи и моќни. И НЕ фер.

За крај само ќе додадам дека скокав од радост заради резултатот од Референдумот, и можам само да извикам: Браво Македонци, Браво народе!

Софија

(Авторот не е член на политичка партија, ако и е воопшто битен податоков...нека го има)"

4 октомври 2018 - 15:28