Лотариски писма на читателки

Оној што добива пристап до сите тие податоци премногу лесно може да ги злоупотреби за свои цели, а тој што ги дава мошне бргу да остане олеснет не само за сѐ што поседува на сметка, туку да биде и дополнително задолжен на други места. А у држава каде ништо не функционира тешко после да се докажеш како си заглавил со 100 брзи кредити и од каде им лични податоци на крадците.

Здраво Трендо,

Сурфајќи по македонскиве интернет езерца, бари и мочуришта (јер море и океан немаме, ЈБГ),  налетувам на реклама од Државната ни Лотарија за сајт за дигитални игри на среќа.

Сајтов e легитимно потпишан од нив ( MEGAWIN.mk - Нова МЕГАзабавна интернет-платформа за љубителите на спортскo обложување и видеолотариски игри! Спорт, Видеолотaриja, Казино во живо, 7777 Gaming, Бонуси, ВИП клуб Насловна). Ок си е, мада сега кога гледам, можеле троа да го оптимизираат насловот да не биде у 5 реда, ко Толстој да го составувал.

Ко право македонче се залетувам – ај да одиграм една, па отворам да се регистрирам. Кога гледам, уште крв и мокрача не побарале од податоци, иако тоа може е у следната рунда прашања до кои не стигнав. Ти праќам скриншот од првата рунда прашања.

Регистрацијата кон оваа "наградна игра" бара премногу податоци: матичен број (што не смее), број на трансакциска сметка... На страна што не смее да ги бара пола од нив, Лотарија никаде нема видливо истакната изјава за заштита на овие и други податоци, гаранции за ограничен пристап и слично.

Барем јас не гледам, ако друг види нека посочи.

Оној што добива пристап до сите тие податоци премногу лесно може да ги злоупотреби за свои цели, а тој што ги дава мошне бргу да остане олеснет не само за сѐ што поседува на сметка, туку да биде и дополнително задолжен на други места. А у држава каде ништо не функционира тешко после да се докажеш како си заглавил со 100 брзи кредити и од каде им лични податоци на крадците.

Лотарија да си ги преиспита барањата за учество во нивни наградни игри, а луѓето да си се пазат кај оставаат податоци за себе.

Поздрав,
една Нена

25 ноември 2023 - 17:45