ИВЗ писма на читатели

Ако написите во медиумите не се Иншала за Халал, тогаш ајде сите да да се фатиме за рака и да одиме Џенем.

Според моето скромно познавање на потеклото на зборовите во македонскиот јазик, именката  Арамија доаѓа од арапскиот Харам/Харами, што означува дело или личност, односно грев/грешник.

Мојата баба Зора, родена во 1912 година, кога како дете ќе направев нешто лошо ми велеше „арам да ти е“, веројатно сакал да ми каже дека правам грев, дека ќе ми се брои како грев на душата. Но секогаш кога ќе направев нешто добро ми велеше „алал нека ти е“, (халал - согласно на божјата воља) „Х“ веројатно се изгубила поради непознавање на потеклото на именката.

Да се вратам на темата од насловот.

Деновиве, читам обвинувања за огромен криминал сторен од актуелниот поглавар на ИВЗ искажани од страна на претендентот за истата позиција.

Во исто време читам демант и контра обвинувања од страна на претставниците на актуелното раководство на ИВЗ  за злоупотреба од страна на претендентот за поглавар на ИВЗ.

Во изјавите на претендентот што се појавија во медиумите се препознава ултиматум. Јас го разбрав вака, - повлечи се од функцијата, или ќе ги објавам сите твои криминали со докази.

Мене лично ме мачат неколку прашања во врска со овие обвинувања. Да бидам јасен ќе ги  набројам според приоритет.

1. Што ќе се случи со одговорноста на актуелниот поглавар на ИВЗ (ако постои криминал), доколку се повлече (ја препушти функцијата на претендентот)?

2. Дали претендентот, ако ја добие функцијата Поглавар на ИВЗ,  врз основа концептот харам/харамиј ќе ја  пријави злоупотреба за која зборува. Дали ќе ги објави доказите за да седна на тоа ,,столче,, со халал (алал)?

3. Дали овие медиумски наводи се доволни за ОЈО да покрене истрага по допрен глас.

4. Дали после истрагата од ОЈО еден  од нив ќе биде обвинет (за злоупотреба на државни институции за истрага или злоупотреба на позиција).

5. Дали јас како граѓанин на „Едно општество за сите“  ќе добијам правна сатисфакција на мојата желба за „Нема правда, нема мир“.

Иншала (со Божја волја/милост), ќе дојде „Живот за сите“.

За крај, уште една изрека од баба ми Зора.

Кога моите будалаштини ќе ги поминеа сите граници (метафорично), ќе речеше - Че си ги земам очите враце и џенем че фатам. Рајна (комшивката од преку улица) ни се смеј.

И баба ми Зора и комшивката Рајна се одамна починати. Јас не знам дали со мојата будалаштини ја пратив баба ми Џенем (Пекол) и дали Рајна стигнала во Рајот. Но конечно разбирам зошто кога мојата баба имала будалест проблем велеше кратко - џенем че фатам.

Ако написите во медиумите не се Иншала за Халал тогаш ајде сите да да се фатиме за рака и да одиме Џенем.

Почитувани,  ви благодарам за вниманието.

Имам чувство дека некој ми дише во врат и чека да се потпишам за да ми ги земе очите в раце и џенем да фати.

Но Иншала, верувам во Вас.

Поздрав,
Јане Крстески

7 октомври 2019 - 14:40