Анти-корупциски писма на читатели

Јас случајно добив прилика да бидам стручен вештак од страна на одбраната за предмет за организиран криминал, кој што беше интересен и за овдешните медиуми. После неколку рочишта, судијата објави дека тој нема да биде дел од постапката! Ги осудија луѓето за дело кое не го сториле и сега ќе си лежат по 4 години апсаана! Полуписмени поданици, госпоѓо амбасадорке. Со нив држава не се гради!

Почитувана госпоѓо амбасадорке на САД,

Со интерес ги следев вашите први настапи пред овдешните медиуми и вашата непоколеблива заложба за борба против корупцијата и криминалот.

ОК, си реков: Војната е објавена! Противникот е детерминиран, но со кого вие ќе се борите госпоѓо амбасадорке? Кој ќе биде „со вас“?

Јас случајно добив прилика да бидам стручен вештак од страна на одбраната за предмет за организиран криминал, кој што беше интересен и за овдешните медиуми.

Обвинението накратко и лаички би било вака:
Овие се договориле инспекторката да му даде незаконско решение за уривање на странката.

Мојот стручен наод како овластено вешто лице гласеше:
Инспекторката донела законско Решение.

Истото го составив како формален извештај и го дадов на одбраната за да го достават на судот во време на текот на постапката.

После неколку рочишта откако го зеде мојот извештај, судијата објави дека истиот нема да биде дел од постапката по овој предмет.

Според мене ова претставува флагрантно кршење на „правото на одбрана“, ама за мене лично, ова беше голема морална победа. Имено судијата веројатно констатирал дека мојот вешт наод и мислење не ќе можат да го побијат па нашле елегатен начин да го заобиколат.

Сè на сè госпоѓо амбасадорке, полуписмени поданици. Со нив вие не можете да водите „војна“, а такво е цело судство. Можеби ќе најдете 5-6 што се ОК ама откако ќе си одите вие, тие не ќе можат да одолеат на притисоците.

И што да ви кажам, си ги осудија луѓето за дело кое не го сториле и сега ќе си лежат по 4 години апсаана!

Добро, јас можам да разберам да сакаш да го тргнеш од политичката сцена политичкиот противник кого си го детронирал и да му натовариш дузина предмети во суд со кои тој ќе се занимава дузина години, а ти на раат да си ја истераш политичката агенда (како што впрочем и видовме подоцна, да не се правиме недоветни, сведоци сме сите). Добро, разбирам и заради личен анимозитет да сакаш да го напикаш во затвор 175 години па кога ќе умре да го закопаат во кругот на затворот, а кога ќе му пројде казната да му вршат ексхумација. Ама не можам да разберам зошто го правиш ова спротивно на закон!

Полуписмени поданици, госпоѓо амбасадорке! Со нив држава не се гради! Држава се гради со писмени и со неписмен, ама со полуписмени не!

Конечно, госпоѓо амбасадорке, не знам која е вашата крајна цел со операцијата што ја подготвувате овде, но ако вие на крајот излезете на прес да ги сумирате резултатите и кажете:

Операцијата е успешна, уапсивме еден претседател, двајца поранешни премиери, 30 поранешни пратеници, 45 градоначалници, 50 министри и 350 партиски активисти, тогаш – ништо. Ништо не сме направиле ако не е почитувано словото на законот!

Или можеби вашата цел е да се справите со овдешните криминалци кои прават проблеми таму кај вас, тогаш ОК можам да разберам. Но можам да го разберам како постигнување на политичка цел, а не и како постигнување на морална победа на вредносните системи кои во 90% се исти низ сите општества во целиот свет.

Сосема за крај ви го доставувам мојот вешт наод и мислење по предметот од погоре во ПДФ формат за вашите истражители да почнат да вежбаат пред да влезат во битка, да бидат малце истренирани.

Нормално по веста за пристигнување на истражителит во медиумите настана екслозија од „лепешки“ кои со разни пофалби и умилкувања се обидуваат да ви се залепат, госпоѓо амбасадорке. Тоа е исто како да шетате по горите и долините на „Нашата прекрасна земја“ и по пат ќе наидете на лепешка, ќе ја стапнете и таа ќе се залепи, понатака втора, трета и така редум. Тоа ќе биде толку многу што вие дури и не ќе можете да се движите. „Лепешките“ ќе ве заробат. Звучи невозможно, ама сепак вие внимавајте.

Борче Петровски

 

8 декември 2022 - 20:17