35-ти Браќа Манаки

ОСКАРОВЕЦОТ ЛУКА БИГАЦИ, ДОБИТНИК НА СПЕЦИЈАЛНАТА ЗЛАТНА КАМЕРА 300 НА „БРАЌА МАНАКИ“ 2014.

На првата официјална конференција по повод 35. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки" – Битола најавено е дека фестивалот годинава ќе се одржи од 13 до 19 септември, а добитник на специјалната награда Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност е Лука Бигаци, чиј последен проект ГОЛЕМАТА УБАВИНА (La grande bellezza), го освои Оскарот во категоријата најдобар филм од неанглиско јазично подрачје, а победи во истоимената категорија на наградата БАФТА и на Златниот глобус.

Лука Бигаци е добитник кој е достоен на годинашниот јубилеј. Трите децении кариера го прават водечки светски кинематографер. За нас е особено важно што „Браќа Манаки" на своевиден начин беше меѓу првите фестивали што го откри талентот на Бигаци, уште во далечната 1997 година, со неговиот прв филм во официјалната програма на 18-тото издание. Оттогаш неговите филмови впишаа сè на сè пет учества и понесоа две од наградите во Битола. Третиот пат конечно доаѓа лично да си ја земе големата специјална Златна камера 300 на браќата Манаки - рече Лабина Митевска, директорка на ИФФК.

Големото светско име Бигаци е роден 1958 во Милано и спаѓа меѓу најактивните и најбараните кинематографери од страна на италијанските режисери. За тоа говорат освоените 20 врвни италијански и светски награди како и дваесеттината номинации. Од неговите осумдесетина филмови се одделува ремек-делото ГОЛЕМАТА УБАВИНА кој е тандемска креација со режисерот Паоло Сорентино, со кого четврти пат ставаат заеднички потпис.

Сепак Бигаци најмногу филмови, повеќе од десет, има снимено со Силвио Солдини. Други режисери кои имале чест да биде зад нивните камерите се Марио Мартоне, Џани Амелио, Феличе Фарина, Микеле Плачидо, Франческа Аркибуги, како и еден од најголемите режисери на денешницата, Абас Кјаростами, во филмот ВЕРНА КОПИЈА со Жулиет Бинош во главната улога.

Инаку, фестивалот целосно ќе биде во знакот на годинашниот јубилеј, при што слоганот Кон ѕвездите е одраз на таквиот повод и на нашиот копнеж.

Идејата за слоганот дојде од фактот што во изминатите години донесовме голем број сјајни имиња од светот на филмот: кинематографери, актери, режисери, сценаристи, така што публиката веќе самата го асоцира фестивалот со ѕвезденото небо на уметноста. Ние продолжуваме да им оддаваме почит на големите имиња, на величините, мечтаејќи дека еден ден ќе стигнеме до најдалечните ѕвезди - додаде Лабина Митевска.

Присутните можеа да го видат постерот и да уживаат во целокупниот визуелен идентитет на Фестивалот, зад кој повторно стои маркетинг агенцијата Футура 2/2, со кои ја продолжуваме заедничката креативност. Играта со астралните објекти и со патот на филмот донесуваат оригинални решенија.

Уште едeн мал јубилеј е веќе петгодишната традиционална релација, која е синоним на „Браќа Манаки", односно партнерството со Вип, што особено се огледува во Вип детската програма, која од година во година поттикнува сè поголем интерес меѓу најмладите битолчани, отпочнувајќи бројни дополнителни настани и програмски активности.

Одбележувајќи го јубилејното, 35-то издание, на најреномираниот филмски фестивал во Македонија, годинава одбележуваме и уште еден минијубилеј, а тоа е петтата година од нашато заедничко филмско патување. Чест ни е што веќе пет години по ред сме дел од создавањето на трајните вредности, што се впишуваме во историјата на поддржувачите на уметноста и сме дел од „ѕвезденото небо" на меѓународната филмска сцена. И оваа година, на наше огромно задоволство, продолжуваме со Вип детската програма и со бројните работилници чиишто обем и квалитет секоја година се зголемува и нуди единствени креативни содржини за најмладите - изјави Никола Љушев, главен извршен директор на Вип оператор.

Следната наша станица од филмското патување доаѓа наскоро.

Со ИФФК Браќа Манаки и Вип - во Битола поблиску се ѕвездите.

27 мај 2014 - 16:59