#ОМАЈГАД! за Скопје, со љубов

Кирилицата продолжува да се носи со новата колекција на ОМАЈГАД!
По првата колекција наречена „Кирилицата што се носи", Омајгад заедно со пролетта носи нови и урбани, дизајнирани маици на тема Скопје.

За разлика од првата, со оваа колекција, Омајгад нуди шаренило од маици и дизајни, опфаќајќи скопски теми, теми што будат силни емоции и флешбек на тоа што било, со надеж дека пак ќе биде.

На прашањето зошто Скопје е токму темата на новата Омајгад колекција, дизајнерот и креаторот на овој колектив, Гоце Велески, одговара:

"Во Скопје живеам, креирам, се будам и заспивам. Скопје е емотивна приказна со стрип завршеток. Kолку и да мислиш дека завршил, повторно се појавува ново продолжение. Ако си од Скопје или живееш во Скопје, тогаш сигурно знаеш дека радост e - да се прошеташ низ парк, да пиеш пиво на Кале, да останеш последен на журка у Сектор или Капан Ан, да те одболи глава со убаво кафе во Концепт или поглед од Водно. Скопје во нашите срца е останато како радост, а некад пак ќе биде. Ако се вратиш назад во времето и го погледнеш Скопје, ќе ти текне на 091, на олдскулот, растењето со "Чиста Околина", ќе ти текне како Скопје еволуира (или не) во 02. Ќе се присетиш кога како копиљ си го вртел Скопје уздуш и попреку со точак, и ете уште го правиш тоа, бидејќи во здраво тело, полн кеш. Едноставно, Скопје е град у кој живеат миљон фаци, сите различни по сурат и карактер, сите своја прича, но сите со една иста заедничка инспирација и љубов, а тоа е - СКОПЈЕА! Скопје е закон. Скопје е љубов која трае. Скопје било, е, и ќе биде #ОМАЈГАД."

Оваа приказна за Скопје, за 091 до 02, радоста на точак... преку дизајнраните маици ќе биде претставена на отворениот настан, на 15-ти март (сабота), во Концепт 37.

Бујрум на журка со скопскиот DJ Game Over и #ОМАЈГАД.

11 март 2014 - 13:30