Музика

Уште сега, 12 поени за Лет 3!

Со „Мама - ШЧ“ ријечките враголани Лет 3 победија на Дора и ќе ја претставуваат Хрватска на Евровизија 2023. Благодарејќи на Логин и една мала но упорна лоби група за нив, многупати ги имаме гледано и во Македонија.  Лет 3 се прекрасни будалетини кои беа „шокантни“ уште кога на Евровизија се носеа пуловерчиња. Едвај чекаме. „Мама - ШЧ“, бе! 

Го имате ли забележано Бах во Битлси?

Уште кога со Џорџ Харисон ги вежбале основните рокенрол акорди, на Пол Макартни му се има бендисано една хармонија од класичната музика, за која не ни знаел како се вика. По некое време, дошол момент тоа (Буре во Е-мол од Бах) да биде „прошверцувано“ во “Blackbird” од Белиот албум. Генијалности.

Музиката последна се гаси

Ќерка ја снима својата дементна мајка како е „своја на своето“ само кога ќе седне на пијано и беспрекорно ќе ги свири Шопен и Бетовен. Старата има 92 години, Алцахјмер кој прогресира и ова е една од ретките работи што умее да ги прави сама.  

Кое е твоето оправдување што не го слушаш Џони Кеш?

На неколкумина едноставни луѓе од племиња надвор од западната орбита, им ја пуштаат „Hurt“ на Трент Резнор, во нејзината најдобра форма, онаа на Џони Кеш (нема песна што тој ја има обработено а да не е подобра од оригиналот). Одвреме навреме им го паузираат спотот, да им објаснат текст и контекст. Наравоучение: од кое и племе да си, Џони Кеш ќе те дирне.  

Сите деца вака да блескаат

Група деца сакаат со песна да ги честитаат божиќните празници. Не се тоа млади од Беверли хилс или од некое кремкасто приватно школо кај што имаат посебни курсеви за вежбање емпатија. Ова е многу подиректно и пооргански.

Отвори го прозорецот да подиши градот

Песната се раѓа во 1994 во Скопје. Ја пишува најдобриот скопски поет Џовани (на органите познат како Јовица Ивановски), после цели 29 години таа излегува од фиока и се сели за Белград, од каде со додаден шмек од Ема & Џими и Јулија Кастелучи, се враќа во родниот град, со спот - омаж за Скопје, градот кој не престанува да ги инспирира и збунува луѓето кои живеат во него.

Како се разбраа BBC и Rage Against the Machine

Назад во 2009 година. БиБиСи решаваат во програма да ги имаат и Рејџ. Ама, ги потсетуваат дека ќе одат во живо, дека се работи за пригодна божиќна програма и затоа, да нема некое пцуење или некои безобразни зборови. Еве како изгледаше и звучеше епилогот.

 

Така бе деца!

Еден од најдобрите кавери кои можете да ги најдете на интернет, засекогаш. Малите ја рокаат Пеинкилер, од Џудас Прист. Поголема кине гитара (почекајте да го чуете солото) ама помалата е со оној најпрекрасен и искрен детски пркос, што, јас полоша да не сум? А не да не е полоша туку е махер.

Smells Like Rick Astley

Бааги надреална сцена: Фу Фајтерс и Рик Естли, заедно ја изведуваат „онаа неговата“. Грол и пајташите еднаш виделе дека и него го има на лајнап, во соблекувална ја навежбале песната и му рекле, ја научивме да ја свириме, сакаш со нас? „Фак, јес!“, рекол дечкото. 

Мохамед, викни ја онаа нашата

Музиката нема да го спаси светов ама па ни олеснува да го поднесуваме. Чујте ја и погледнете оваа мешана лепота: бахреинскиот музичар Мохамед ал Бахри и неговата дружина „Распеани чаршафи со карирани капачиња од тегла“ (шала, Арапи, шала), ја изведуваат "No Woman, no Cry" од Боб Марли. Цут.

Сончогледот на Пост Малоун собори рекорд

‘Sunflower’ на Пост Малоун и Све Ли стана највисоко сертифицираната песна на сите времиња, соопшти асоцијација на музичката индустрија RIAА. Песната која оригинално беше издадена како дел од саундракот на Спајдермен филмот „Into the Spider-Verse“ станала 17 пати платинеста! Башка две милијарди прегледи на Јутјуб. 

Битлси имаат нов спот

Се разбира дека не, тоест дека не баш. Се работи за гважно-анимирана визуелизација на „I'm Only Sleeping“, една од носечките песни на нивниот култен албум Револвер кој неодамна на интересен начин беше ремастеризиран. Слушајте Битлси, се работи за основна хигиена на слушниот апарат.

Битола има албатрос

Чкембарите сè уште не можат да се пофалат со аеродром, но имаат нова пејачка и музички автор која неодамна дебитираше со рипит потенцијал за врнежливи и други денови. Лакриумариум се вика песната, полна суптилности. Дозволете им на ATA и бандата да ве изненадат.

Корејски Рејџ

Пошто Зак ја еба тоа ногата па ги откажаа концертите на кои се остревме есенва да им одиме, ова во моментов е најлутата замена за Рејџ Агеинст Д Машин. Една од нивните химни во изведба на хорот и симфонискиот оркестар на Армијата на Северна Кореја. Рокајте браќа!

Ритамот мора да продолжи

Фу Фајтерс на Вембли одржаа трибјут концерт за својот починат тапанар, Тејлор Хокинс, кој во март беше пронајден мртов во хотелска соба во Богота, Колумбија. Чест му оддадоа членови на Квин, Раш, AC/DC, беа таму и Дејв Шапел, Крис Рок... Сепак, убедливо најјак момент е кога зад бубњевите седна синот на Тејлор, 16 годишниот Шејн. Ежење.

Гласно, погласно, Моторхед

„Постои ненормално гласно и постои гласно кое те носи во болница. Ние секогаш бевме на линија меѓу тие две нивоа“, вика бубњарот од легендарното трио на покоен Леми, банда која сакаше да свири на 120 децибели, баш онаму каде што звукот почнува да боли.

Показна вежба: Аутотјун

Фамозниот и семоќен аутотјун им даде изговор на илјадници неталентирани луѓе да се претставуваат како пејачи и истовремено ја сјеба не само музиката туку и ќеифот на слушање музика бидејќи тоа е брате, неподносливо. Како звучи и што може аутотјун? Ќе ви покажеме. 

Ебал Тодорчо баба си

Човек не може да забележи колку бугарската музика е преполна со мотиви за секс, ебавање и слично (слично како што неслободни народи пејат за слобода). Еве едни двајца матори рокери, кои изгледаат како ликови што биле елиминирани уште во првиот круг на аудиција за Скорпионс. Нормално, во коментари има викаат дека се „страхотни“. Оф.

Преријата пуста да остане

The Pennywhistlers се американска пејачка група од 60-тите години, формирана од фолклористката Етел Раим, особено заинтересирани за музиката од источна Европа. Одбираме една наша, македонска песна во нивна изведба. Добри се. Замислете како би звучеле XXL да пееја некоја стара чирокеска. 

Сцената што ја врати Металика на топ листите

Метал химната и една од песните што ја обележи Металика како група „Master of puppets“ се појави во една сцена од 4-та сезона на Стрејнџер тингс, по што се најде на 1-во место на рок листата на Ајтјунс, и на 29-то место на вкупната листа, додека на Спотифај е на 12-то на американската листа и 26-то на глобалната.

Леле бе колку е ова лошо

Би ве охрабриле да чуете бар нешто од ова получасовно мачење со ветување дека Мирко Попов не пее, ама сепак ќе дојдете до еден вокал, на лик со голем бас во рака и уште поголем неталент во грло. Волку брука и резил во туѓо име одамна не сме осетиле.

60 години Ролинг Стонс

Во Мадрид и Шпанија Ролинг Стонси ја почнаa јубилејната турнеја со која обележуваат шест децении тркалање на камењата. И пазете, денес, во 2022 година, за првпат во живо изведоа песна која ја имаат објавено уште во 1966 година. Ете со каков моќен арсенал муниција располагаат старките. Ја знаете песната, добра една.

Ајланд Бојс ги освојуваат Хаваи

Оние тетовирани неухранети ТикТок јадници Ајланд Бојс, доста бучно дојдоа на Хаваи. Најјаки. Не мина многу време, некои локалци прописно ги исќофтаа и им ги испоукрадоа златните ланци. Многу се бре греови. А вежбаа, не дека не.

Бетовен, наглавачки

212 години откако беше напишана „Für Elise“ композицијата на Лудвиг Ван Бетовен добива неочекувана реинтерпретација. Некој го свртел нејзиниот нотен запис и го свири така, наопачки. И сами ќе дојдете до заклучок дека како и да го свртиш, Бетовен звучи генијално.