Можеш ли стварно да познаеш разлика меѓу 4К и 8К слика на телевизор?

Низ целото постоење на телевизијата секој еволутивен скок на технологијата направил сериозно видлива разлика: од слика во боја и ХД слика, до 4К. Сега на ред е дојдена 8К технологијата, и излегува дека можеби и нема потреба од нејзе.

Гизмодо се обидува да ја реши дилемата околу 8К разговарајќи со неколку експерти околу темата.

За жал оваа споредба носи многу непријатни вистини околу тоа дали и колку и сега гледате во ХД или 4К, без разлика што телевизор имате дома, па според научниците, ако дома имаш 4К телевизор висок 91 сантиметар и го гледаш од дистанца поголема од 1,3 метри, тогаш не гледаш 4К.

Стивен Палмер, професор по психологија на Беркли, чија работа се фокусира на визуелната перцепција, внимание и меморија.

„Очигледниот одговор е 1. колку е голем твојот телевизор и 2. од колку далеку гледаш. Бенефитите на 8К ќе бидат најлесно видливи на многу голем телевизор што се гледа од мала дистанца. Тие ќе бидат речиси невидливи на мал телевизор што се гледа од далеку. Истото е точно, релативно, и за сегашните 4К вс 2К (1080п) телевизори - тие работат подобро кога голем телевизор се гледа од мала дистанца.“


Паван Сина, професор по вид и невронаука на МИТ.

„Ајде на ова да му пристапиме од техничка страна: нормалната визуелна изостреност (што ја нарекуваме 20/20 вид) одговара на способноста да се резолвираат две точки оддалечени со ’1-минутен лак’. Што значи тоа? Човечки палец, на должина на рака, е широк околу 2 степена, а еден степен има 60 минути. Ова значи дека ако нацрташ 120 еднакво распоредени точки на линија по целата широчина на твојот палец, тогаш на испружена рака ти едвај ќе можеш да ги видиш поединечните точки. На која било поголема дистанца за гледање, или со повеќе точки, ти нема да можеш да ја најдеш разлика меѓу линија со точки и целосна линија. Ако оваа пресметка ја префрлиме на телевизорот, излегува дека на екран од 60 инчи, може да забележиме разлика меѓу ХД и 4К слика, меѓутоа каков било раст над 4К (на пример до 8К) нема да биде забележлив. Ќе треба да застанеме одма до телевизорот (што е многу непријатно за гледање) за да можеме да разликуваме 4К екран од 8К екран. Па освен ако не планираш да имаш многу голем телевизор, или да гледаш од многу блиску, 4К е сосема доволно. Скокот на 8К најверојатно нема да биде забележлив во најголемиот дел дневни соби.“

 

Емили Купер, асистент-професор по оптометрија и вид на Беркли.

„Сите сме имале ситуации во кои ги туркаме границите на она што нашите очи можат да го видат. Можеби си се мачел да прочиташ ситен текст на некоја етикета или си се напрегал да препознаеш нечиј лик во толпа. Иако човековиот визуелен систем е неверојатен, тој има спектар на граници кои прават одредени делови од светов да бидат невидливи за него. Кога е во прашање дизајн на екрани, разбирањето на овие граници е клучно за разбирање дали еден дисплеј ќе изгледа подобро од друг.

Разликата меѓу 8К телевизор и претходните генерации на играни се сведува на зголемување на бројот на пиксели. Кај модерните телевизиски екрани, поединечните пиксели се наместени еден до друг во мрежа. Секој пиксел во оваа мрежа е точка од боја, која заедно со сите други прави да ги гледаш сликите на твојот телевизор. Кога го гледаш омиленото шоу, сакаш овие слики да ги гледаш во висока резолуција без да ти биде одвлечено вниманието од гледање на поединечни пиксели. Сакаш сликите да бидат јарки, но пикселите да бидат невидливи.

Дали 8К телевизијата ќе донесе напредок кај ова? Зависи од многу работи, како на пример контраст на екран, колку е голем секој пиксел, и од колку далеку имаш намера да го гледаш - дури зависи и од типот на слика што ја гледаш и колку брзо таа слика се менува. На пример, ако гледаш телевизија од доволно далеку што секој пиксел ти изгледа помал отколку што твојот систем може да резолвира, тогаш пикселите ќе ти бидат невидливи и на 4К, 8К и 100К. Ако извадиш метро за мерење и памтиш тригонометрија, лесно можеш да го пресметаш бројот на пиксели за визуелен степен за твојот сетап за гледање. Ако веќе си над 60 пиксели по степен, најверојатно нема да имаш подобрување од 8К телевизор со иста големина (водич: еден визуелен степен е отприлика колку ширината на твојот палец на испружена рака). Од друга страна, екран со повеќе пиксели треба да може да ти овозможи да видиш повеќе детали на пошироко видно поле ако панелот е поголем или ако гледаш од поблиску. Ова секако зема предвид дека и оригиналната снимка е 8К или повисока.

Зголемувањето на бројот на пиксели секако може да има бенефити, но тоа како го гледаш, што гледаш и од каде гледаш на крај ќе утврди што е добро за тебе.“

 

Мартин С. Банкс, професор по оптометрија, вид, невронаука и психологија на Беркли.

„Има препораки за резолуција на ТВ екрани, мобилни телефони итн. Овие препораки обично се сведуваат на една работа, а тоа е дека пикселот треба да создаде визуелен агол на ’1-минутен лак’ или помалку. Ова е технички термин и, и покрај ’минута’ не подразбира време, туку само простор. Сфати го овој лак како мал конус на светлина кој доаѓа до одредена точка во окото. Тоа е пикселот на ТВ екранот, и доаѓа до точка во твоето око. Овој лак има агол што конусот го прави од твоето око до пикселот. ХД ТВ има 2.000 пиксели од лево кон десно, УХД ТВ има 4.000 и сега зборуваме за околу 8.000 пиксели. Многу луѓе во мојата сфера сметаат дека препораката од ’1-минутниот лак’ е погрешна и треба да биде помала.

Во оваа равенка треба да се земе предвид и далечината од која се гледа. Математиката покажува дека ако имаш 2К (ХД) телевизор и тој е 91 сантиметри висок, треба да си максимум оддалечен на 2,8 метри за да ја почувствуваш резолуцијата; ако си 6 метри оддалечен, нема начин како приметиш разлика меѓу твојот телевизор и некој што има помалку пиксели. Ако имаш 91 сантиметри висок 4К телевизор, треба да си максимум околу 1,3 метри оддалечен за да приметиш разлика, а некој не седи толку блиску. Кај 8К ова стига до оддалеченост од 60 сантиметри кај телевизор со височина од 91 сантиметар. Треба да си многу редок тип на гледач за да сакаш да го искористиш тоа.“

3 јануари 2022 - 17:27