Зошто не се трпат Хауард Стерн и Џо Роган?

Не се само коментарите за Ивермектинот, имаат тие и други закачки.

Хауард Стерн го пренесоа еден куп медиуми кога го прозиваше Џо Роган за коментарите што ги разгореа антиваксерските убедувања во Америка. Главно се фокусираше на тоа колку е идиотско толкав дел од општеството да се буни против науката на ефикасноста на вакцините, но замава и по Роган заради изјавата околу Ивермектинот како добра замена за вакцината. Со оглед на неверојатното влијание што го има Џо Роган врз масовна публика, има смисла што многу луѓе му се налутија. Ама само тоа ли е?

Вистината е дека односот на Стерн со Роган се враќа години наназад и е малку покомплицирана. Медиумите секако претераа во пренесувањето на некои од коментарите на Роган за Ивермектинот, но лесно е да се заклучи зошто некој како Стерн би збеснал на ова гледиште на работите, со оглед на тоа што Роган знае повремено да им ја разбранува фантазијата на анти-ваксерите. Сепак, без разлика што Стерн никогаш не бил фан на теории на заговор (за разлика од Роган), целата кариера му се темели на бивањето контроверзен. Од овие причини и им се спојуваат комичните умови на времето.

Некои фанови сметаат дека Роган е разочаран од тоа колку Стерн станал политички коректен. Реалноста е дека во последните 20 и кусур години, Стерн помина низ огромна трансформација - се префрли на комплетно нецензурирано сателитско радио и веќе немаше никаква смисла да биде контроверзен заради рејтинзи; благодарение на неговата сопруга Бет и терапија, „има пораснато и како личност“. Шоуто му е далеку попитомо од порано и тоа му дозволува да се фокусира на одлични интервјуа со познати личности, но тоа не значи дека повремено нема да почне тирада како оваа против Роган за вакцините.

Има и постара приказна: Се закачиле кога и двајцата работеле за НБЦ (Стерн за America’s Got Talent, Роган за Fear Factor) и Стерн го има искодошено дека „баш и не е фин со жени“. Иако бил само делумно сериозен, тврди дека биле излезени во бар и бил сведок дека Роган лошо се однесувал кон жените, дури и им се обраќал со погрдни термини. Роган категорично ги отфрла овие тврдења, навреден е и одбива да се врати на Шоуто на Хауард Стерн. Таму го имаше кон крајот на ’90-те и околу 2000, и дури и му е благодарен на Стерн што овозможил неговиот стендап да го добие вниманието на американската јавност. Не само тоа, му ги припишува сите заслуги за отварање на вратите до неговиот подкаст.

Нема сомнеж дека епската кариера на Хауард Стерн има извршено силно влијание на подкастерски џинови како Роган, иако подкастот е медиум што Стерн, иронично, го презира. Ова е главно затоа што смета дека е неверојатно тешко да заработиш како домаќин на подкаст, освен ако не си човек со веќе изградена база на фанови како Роган. И без разлика што му го закача медиумот, Роган сепак го фали на неговото шоу.

„Кажете што сакате за Хауард Стерн, тој гомнар ни ги отвори вратите на сите. На сите. Мене 100%,“ има изјавено во разговор со друг радио-водител.

И покрај несогласувањата, гледаат да се трпат, барем што се однесува во креативните избори, но со оглед на спротивностите во сфаќањата, тешко дека ќе видиме едниот да му биде гостин на другиот.

Што е, реално, штета, кога ќе помисли човек каков муабет може да излезе од тоа.

8 октомври 2021 - 11:42