На 15 октомври излезе третата сезона на „Ти“, серијата каде што луѓето сакале-нејќеле да признаат, малце така како да навиваат за главниот лик - што е незгодно, затоа што Џо Голдберг, без разлика што е дефиниција за нездрав манијак, цело време покажува искупувачки квалитети, од штитење немоќни и деца, до решавање далеку погадни типови од улица.
Зошто е толку добро?
Освен горенаведениве работи, серијата има уникатна приказна и исклучително спремно сценарио. Третата сезона, на пример, толку умешно игра со пандемијата и анти-ваксерите, што ти се чини дека сељачки ти намигнува и јако ти е.
А нема ни пандемија ни од овие новиве анти-ваксери, замисли.
Понатаму - спојлери за трета сезона.
Џо и Лав се селат со бебето во најбезбедното гратче во Калифорнија, со добри школи и градинки, фино куќиче, онаа романтична небезбедна ограда од бели даски за која ломотат сите заблудени Американци и комшии што се колнат во кето.
Да се потсетиме дека зад себе во Лос Анџелес (а претходно Џо и во Њујорк) оставија позамашна бројка на лешеви, ама рекоа дека веќе нема да прават глупости, затоа што сега имаат бебе. Од прилика како обичните луѓе кога ќе речат „ќе се приберам и не пијам веќе“.
На почетокот, Џо како наратор кажува дека маалото е толку „снајдено“ што сите жители имаат примено јака вакцина, што ги прави имуни на Ковид и од таму престануваат да нѐ замараат нас напатените гледачи со таа досада од пандемија и ни дозволуваат да влеземе во дејствието.
Сепак, серијата не би била тоа што е да не ни намигнеше неколку епизоди понатаму со сукало на анти-ваксер во тил, и тоа не од денешниве, туку анти-ваксер што „на детето не му дава било каква хемија“.
Главниот проблем оваа сезона е Лав. Нејзиното шашаво лудило пред кое и Ени од „Мизери“ паѓа на колена е тоа што постојано им создава брачни проблеми - за кои што неволно ќе отидат и на брачен советник, па ќе успеат и да ги решат, накратко станувајќи среќен брачен пар. Меѓу две убиства имате решавање на недостаток на комуникација меѓу двајца брачни другари, а некое затворање жив човек во стаклен кафез и некоја кофа крв понатаму имате и разбирачка околу посветеноста како млади родители.
А разбирачка мора да има. Затоа што ако имаш поклано пола од луѓето што ти се нашле на пат, а жена ти те знае, кога она од љубомора ќе ја тресне комшиката со секира, или комшијата ќе го заклучи во кафез (па он ќе се самоубие), некако би требало да се потрудиш да го решиш проблемот.
И покрај мракот, дупачки летаат на сите страни кон модерното време - мајка со блог и милиони следачи на Инстаграм, празноглави мажи со „само 6% масно ткиво“ што се јачаат меѓу себе на „машки викенди“, кето, деца што не смеат да јадат овошје (дека шеќер), неподносливи маалски средби со уштиркани комшии, преживеани стануваат херои па држат ТЕДекс говори и пишуваат книга… Целата серија е сатира на она што го наметнуваат американските медиуми и општо на површниот живот што најчесто го гледаме на Инстаграм и ретко каде на друго место.
Повремено частат и мудри референци за книжевни класици, па и идеи за успивање бебе (со Фицџералд).
И знаете што повторно ѝ успева на серијата?
Џо Голдберг пак не те нервира.
За четврта сезона веќе се шушка. И традиционално, веројатно ќе стигне на крај на 2022.
И веројатно (а ако стигнавте до тука, значи предупредувањето за спојлери не се однесувало на вас), ќе се согласите дека оправдано е да очекуваме дека ќе ги надмине сите до сега.
Јана, Off Café