За време на првиот локдаун, авторот Ентони Хоровиц издаде детска книга онлајн, со наслов Where Seagulls Dare - комичен, детективски роман за пред-тинејџерска возраст. Неделава ќе биде објавен и во хард-копи, а Хоровиц ќе го донира хонорарот во добротворни цели.
Ова звучи како многу симпатична човечка приказна, додека не стане чудно: Хоровиц изјави дека издавачот му побарал да направи измени во одредени делови и да извади некои од шегите, од страв дека „погрешно ќе бидат сфатени во денешната клима“.
„Не се работи за кансел-от,“ вели Хоровиц. „Ни за бесот. Се работи за стравот што сите креативци сега ќе го чувствуваат додека пишуваат. Не треба да нè тераат да правиме работи само затоа што се плашиме да не предизвикаме бура на Твитер.“
Ник Тајрон од Спајкд се пронаоѓа во оваа изјава: неодамна има напишано роман што треба наскоро да се издаде, со наслов Straight Men. Се работи за маж, хетеросексуалец, сингл, без деца и неговите проблеми со жените, со други стрејт мажи и како сето тоа го води до изолација. Протагонистот е комплициран и недопадлив на моменти - и ова е наводно „проблематично“.
Некој од првите читачи вака му пишал:
„Се изнаплакав на крај… Но ќе имаш многу проблеми ако сакаш да издадеш книга за чувствата на еден стрејт маж за сексот, мажите и жените во 2022.“
Ова води до два факти за моменталната клима во издавачката индустрија:
Прво, издавачите се преплашени од контроверзност. Како да мислат дека ако некоја од книгите им ја исплукаат онлајн, ќе останат без работа. Чудното овде е што секоја друга форма на издаваштво на планетава во моментов комплетно се вози на контроверзи.
Второто е чудната претпоставка дека „само жените купуваат книги.“ Во однос на ова, има еден проблем: не е точно. Точно е дека во 2022, повеќе жени купиле книги отколку мажи, но идејата дека мажите не ги интересираат книги постојано се докажува како погрешна. Какво и да е јавното мислење за Џордан Питерсон, има продадено многу книги за проблемите со кои се соочуваат сингл-мажите.
Ваквите и други проблеми и не би биле така загрижувачки, да не е фактот дека литературата е екстремно важна во западната култура.
„Се согласувам со Ентони Хоровиц кога вели дека писателите не треба да се притискаат,“ вели Тајрон, „не треба да се плашиме дека она што сакаме да го кажеме може да навреди некого. Понекогаш, луѓето треба да се навредат, за жал. Почнуваме да го губиме тоа од видик, и за жал, барем во моментов, голем дел од индустријата исто така не го гледа. Издавачи, не се плашете од Твитер - може да ви биде пријател. И не дозволувајте толпата да ве спречи да објавувате чисти вистини од време-навреме.“