Нема шанси некои невести да биле пристојни жени, па да излуделе затоа што стануваат невести. Не, тоа мора некаде да тлеело и само чекало да излезе.
Многуте форуми и објави за шашави идни невести се богатство, и луѓе се жалат од стварно неверојатни работи. На пример, врие од постови каде што се бараат фотографи кои:
- мора да работат бесплатно
- мора да имаат барем 8 години искуство
- мора да се на свадбата цело време, без паузи
- сами да си донесат храна и пијалок
Ова не е сумирање, ова е реален пост, објавен на Фејсбук.
И да е само тој.
Се споделуваат фотографии од „известувања“ од ваков тип:
Колку и да сакаме да присуствувате, за жал, нашата локација не може да ги прими сите.
Секако ве имаме во срцата за време на оваа прослава на љубовта.
Ај, добро. Ама не завршува тука. Веднаш под ова „жалење“ има:
Доколку сакате да им честитате на невестата и младоженецот, наместо да се регистрираат за подароци, прифаќаат пари кои ги собираат нивниот меден месец.
Во превод, не ве каниме, ама ако сакате да ни дадете пари од богзнае кои причини, нема проблем.
Сезоната на свадби кај нас сè уште трае, па може ќе добиете идеја од следново, објавено како скриншот од жален гостин:
Добро утро,
Јас сум *тојитој*, свадбениот координатор на *тиеитие*. Ви се обраќам на сите потврдени гости конечно да се преброиме и да поминеме некои правила за денот на свадбата.
Правила:
1. Ве молам дојдете 15-30 минути порано.
2. Ве молам НЕ носете бело, крем или шампањ.
3. Ве молам не правете било какви други фризури освен паж или опашка.
4. Ве молам немојте да сте комплетно нашминкани.
5. Не снимајте за време на церемонијата.
6. Не се чекирајте на ФБ додека не ви кажат.
7. Користете хаштаг кога објавувате слики.
8. ВООПШТО НЕ ЗБОРУВАЈТЕ СО НЕВЕСТАТА.
9. Сите ќе наздравуваат со Реми. Нема исклучоци.
10. И за крај, морате да дојдете со подарок во вредност од 75 долари или повеќе ако сакате да ве пуштат.Ако имате прашања, или сакате да ви се разјасни нешто, ве молам јавете ми се директно.
Благодарам.
Има и пострашно од ова. Има луѓе што мислат дека со задоволство би се степал за да присуствуваш.
На пример вака:
Значи, за да осигурате место на нашата свадба, треба да ги направите следниве работи:
- Да ветите дека ќе направите забава за парови на место што не е нечија куќа.
- Свадбениот поклон мора да биде кеш или чек од најмалку 500 долари.
- Мора да ми купите мене или на *сопругот* (зависи од чија страна сте) поклон и „на денот“ од најмалку 100 долари.
- Мора да присуствувате на секоја забава што ќе ја имаме и за секоја да купите поклон од најмалку 50 долари.
- Ќе потпишете договор што правно ќе ве обврзе на горенаведеното и ако не го исполните ќе треба да нè обесштетите за потрошеното време и стресот што сме го преживеале од тоа што сте правеле проблеми.
Свадбите се прекрасни настани, нели?
И за крај, невеста каква што секој би посакал за другарка:
Здраво на сите!
Значи, свесни сме дека свадбата ми е во октомври!
Веќе ги пратив сите покани, значи повеќето од вас ги имаат добиено. Фала на тие што веќе потврдија. Ако не сте, ве молам потврдете до недела, инаку нема да можеме да ве примиме.
Со тоа, би сакала да го објавам регистарот за подароци за сите!
За сите што ми доаѓаат на свадба, има список на подароци што можете да ги донесете.
МОРАТЕ да изберете од списокот, или прво да ме прашате.
Нема исклучоци.
Списокот вклучува:
1. Било кој KitchenMaid кујнски апарат над 350 долари што не значи обични кујнски предмети како престилка или шпатула. Значи зборувам за автоматски миксер, блендер, итн.
2. Било која Гучи или Луи Витон ташна. Други ташни се дозволени, ама прво прашајте ме.
3. Било каква облека над 400 долари од Келвин Клајн, Москино или Норас.
4. Нови плочки за целата куќа (знам дека е ова многу, ама многу ќе го ценам).
5. Нова кола или нешто во врска со колата.
6. 400 долари или повеќе во гифт-картички од било кое од следниве места: Фифт Сакс Авенју, Блумингдејлс, Нордстром, Келвин Клајн, Гучи, Хол Фудс, Спраутс, можеби и ЏејсиПени. Може и други места, ама прво прашајте ме.
7. Било која корејска или азиска козметика во вредност од 400 долари или повеќе.
8. Било каква скапа слика или украси во вредност од 400 долари или повеќе.
9. Кеш поклон од 400 долари или повеќе.Значи, како што гледате, имате доста работи овде. Очекувам сите да потрошат НАЈМАЛКУ 400 долари на поклоните. Ќе прифатам и малку пониски суми, само прво да ми кажете. Исто така, сè овде е „прв дојден - прв услужен“. Еве линк до ексел-фајлот каде што можете да видите кој што ќе донесе. Пријавете се порано ако не сакате да ми купите Гучи ташна или нешто друго што не сакате да купите! Фала, мили!
Добивте некоја идеја, или ви се смачија свадби за во наредниве 10 години?