Хелена Бонам Картер, која ја играше Белатрикс Лестрејнџ во „Хари Потер“ и многу пати има соработувано со Џони Деп на филм, се вклучи во дискусијата околу контроверзите за Роулинг, по нејзините коментари кои ги критикуваа како трансфобични.
„Ужасно е, живо срање,“ изјави Бонам Картер за Тајмс. „Мислам дека ѝ се нафрлија. Го однесоа до екстреми тоа судење. Дозволено ѝ е да има мислење, особено ако претрпела злоупотреба. Сите си ја носат сопствената историја на траума и тоа им ги формира мислењата и мора да се почитуваат и гледиштата на луѓето и нивната болка.
Не мораме да се согласуваме за сè - тоа би било ненормално и здодевно. Таа не го мисли тоа агресивно, само кажува нешто од сопствено искуство.“
Зборуваше и за Деп и драмата со неговата поранешна сопруга Амбер Херд, коментирајќи дека пресудата комплетно го одмаздила него.
На прашањето дали тој случај беше „клатното на #MeToo се занишува назад“, рече:
„Моето мислење е дека таа се возеше на тоа клатно. Тоа е проблемот со овие работи - луѓето се качуваат на возот затоа што тоа е трендот и сакаат да бидат главната слика на тој тренд.“
Во остатокот од интервјуто, Бонам Картер ја критикуваше идејата дека нечиј приватен живот треба да има влијание врз кариерата. „Се забранува ли гениј поради сексуалните практики? Така би имало милиони низ светот, кои, ако им погледнеш во приватниот живот, би биле дисквалификувани,“ додава таа.
„Не можеш да забраниш луѓе. Мразам кансел култура. Стана многу хистерично и има некаков лов на вештерки и недостаток на разбирање.“