Гледам Џ. К. Роулинг пак нешто кажува. Саканата авторка што стана вештерка за освестените пак го скандализира Твитер и вреѓа. Што правела сега? Била груба со силувачи. Има ли крај злото на оваа жена?
Ова сериозно е приказната. Роулинг твитала критики за ненормалната политика на шкотската полиција да го заведе силувањето како извршено од страна на жена, ако типот што силувал рече дека се чувствува како жена. Да, шкотските полицајци ќе го користат зборот жена за лице што грубо и насилно турка неговиот пенис во жена. Нејзиниот, пардон. Сега е трансфобично да го грешиш полот на мажи што силуваат жени.
Новиот закон овозможува секој да се декларира како кој пол сака, без да се бара медицинска дијагноза за родова дисфорија или доказ дека живееле како преферираниот пол барем две години. Асистентот на шефот на полицијата, Гери Ричи вели дека ќе има многу ситуации каде што силувач може да биде заведен како жена, вклучувајќи и „кога лице, родено како машко, но се идентификува како женско и нема сертификат за препознавање на полот и изврши силување.“
Е па, ете ви. Полицијата, лично луѓето одговорни за заведување на злосторството, ќе се покорат на желбата на некој маж да му се обраќаат како на жена. Последиците на оваа пореметена, хипер-релативистичка политика ќе бидат сериозни. Криминалната статистика ќе стане виц и бројни силувања лажно ќе им се припишуваат на жени. Женските затвори може да бидат преплавени со силувачи-мажи. А жртвите на суд може да се соочат со ситуација да треба во женски род да зборуваат за мажот што ги брутализирал. Колку долго ќе им треба на судиите да почнат да ги опоменуваат жртвите за погрешна заменка? „Таа насила ви го стави пенисот, не тој - ве молам почитувајте ги заменките, г-це.“
Роулинг, што не беше ни изненадување со оглед на тоа што е рационална, а не мизогина сељанка, е запрепастена од ова. Како што е сигурно и поголемиот дел од популацијата. И напиша:
Војната е Мир.
Слободата е Ропство.
Незнаењето е Сила.
Лицето со пенис што те силуваше е Жена.
Поентата е кристално јасна: крајно Орвеловски е да ги сметаш силувачите за жени. Тоа е флагрантно и авторитарно одрекување од реалноста да се заведе насилен сексуален напад, извршен од страна на некој со пенис - што порано се викаше маж - како нешто извршено од жена. Има нешто многу Big Brother-овско во официјалната закана за бришење на вистината, за да се избегне да се навреди култот кон родовата флуидност и неговите бучни приврзаници. А Роулинг само го истакна ова. Реакциите? Уште повеќе мизогино лудило и урлање за кансел-култура.
Сега бранење на жртви на силување е биготизам, не знаевте? Медиумите среќно цитираат твитови што ја напаѓаат Роулинг што се осмелила да каже дека мажите што силуваат жени се мажи. Еден вика, Роулинг пак го истура нејзиното трансфобично ѓубре по Твитер. Друг вели, Роулинг повторно го користи Твитер да комуницира омраза.
Да не заборавиме и зошто Роулинг добива вакви реакции:
Затоа што се осмелила да го доведе во прашање правото на силувачот легално да се дефинира како жена. Ова е стварно нездраво.
„Џ. К. Роулинг ги разлути фановите со уште еден анти-транс твит,“ известуваат други медиуми. А всушност, беше анти-силувачи твит, но фактите не се многу важни во оваа ера каде луѓето што со пениси напаѓаат жени можат да се сметаат за жени. „Џ. К. Роулинг продолжува да твита, а ние продолжуваме да се прашуваме зошто?“ вели еден тип од Индепендент. Што бре, не заќутат овие уштиркани женишта?
Вели дека исто како што „полицијата не треба да користи расни навреди кон Евреи или црнци обвинети за насилство, треба да ги користи и точните заменки кога зборува за маж што се идентификува како жена, обвинет за сексуално насилство.“Споредбата меѓу употребата на зборот маж, за човек со пенис обвинет за силување, со расистичко обраќање кон црнци или Евреи е една од најлудите работи што сум ги прочитал со месеци наназад. Ја претвора вистината во биготизам и ја намалува сериозноста на расизмот со тоа што го става на исто ниво со совршено точна употреба на зборови во речникот.
Сумирано, хејтерите на Роулинг како да сакаат да кажат: „Мисли ли некој на силувачите? Тие кутри напаѓачи на жени што мораат да се соочат со хоророт некој да им се обрати во машки род! Колку понижувачки!“ Баш тоа сакаат да ни предложат. Освестената опсесија со родова идеологија и наметнувањето на коректен говор врз сите доведе до ситуација каде имаме повеќе луѓе згрозени од тоа што за еден маж се вели дека е маж, отколку дека постои можност тој маж да силувал жена. Сега ги отфрламе чувствата на жените за да ги заштитиме чувствата на силувачите?