Џина Дејвис и жените во Холивуд

До моментот кога Џина Дејвис го снима „Телма и Луиз“ во 1991, веќе е позната по „Битлџус“ и „Тутси“. Имаше и Оскар за „Случајниот турист’. Сепак, баш со тој филм ѝ се случила промена, благодарение на Сузан Сарандон.

„Таа имаше најголемо влијание од било која друга личност во мојот живот, затоа што дотогаш немав поминато време со жена што се движи низ светот како неа,“ кажа Дејвис во подкастот на Алисон Кугел. „Звучи лудо што сум имала 33 години и прв пат сум искусила таква жена, но навистина претходно немав сретнато жена што не даваше воведи од типот, ‘Не знам што ќе мислиш и ова е веројатно глупава идеја но…’ Едноставно си го живееше животот и велеше ‘Вака мислам јас.’“

Начинот на кој ѝ реагирале луѓето на Сарандон ѝ ги отворил очите на Дејвис:

„Ова за режисерот Ридли Скот и продуцентите беше комплетно нормално, што исто ми беше шок. Мене ме воспитуваа да бидам екстремно љубезна, да немам барања и да не им правам проблеми на другите, но очигледно таа не беше воспитана така. Само знаеше да им каже ‘да ја извадиме репликава’, или ‘ај да го направиме ова вака’, или ‘јас би сакала ова да го направам’. Немаше никаква реакција од никого, затоа што не се претставуваше како борбена, туку едноставно си кажуваше што сака и што мисли.“

Дејвис, која е основач на Џина Дејвис институт за родови во медиумите од 2004, забележува дека најчесто се случува помлада жена да се ангажира во комбинација со (многу) постар маж во главна улога. Со ова се има борено како актерка.

„Многу е чудно и многу често,“ вели таа. „Еден актер еднаш кажа дека сум престара за да му бидам романтична партнерка на филм, а бев 20 години помлада од него. Знаете што е ова? Жените го достигнуваат врвот во 20-те и 30-те, а мажите во 40-те и 50-те, што се однесува до актерите. Па, мажите сакаат да изгледаат помлади, или да им се допаднат на помлади, па бараат колешка што е многу млада. Затоа се случува тоа и затоа жените не добиваат многу ангажмани после 40 и 50. Затоа што ги сметаат за престари за романтични партнерки.“

„Телма и Луиз“ заработи три пати повеќе од својот оригинален буџет и заработи десетици награди и номинации. И Дејвис и Сарандон беа номинирани за Оскари, но изгубија од Џоди Фостер за „Кога јагнињата ќе стивнат“.

12 јануари 2022 - 11:13