Пресудата на Џабир Дерала

 

Културната установа Блесок ќе ја промовира поемата „Пресуда" од Џабир Дерала на 25 март, во МКЦ Клуб ресторан, со почеток во 21 часот.

На промоцијата ќе настапат авторот на поемата Џабир Дерала и Мирослав Стојановиќ – Шуки кој е автор на илустрациите за корицата и на внатрешните страници на книгата. Тие ќе настапат со перформанс кој е дел од нивниот мултимедијален проект Криптохроматик.

Ноќта кога човек уби бог

Огромна ноќ
Ја покрива Земјата
Земјата како дете
Земјата набрекната во плод
Црна Земја
Тежок пород на жестоко небо
Врел, ноќен ветер
на плеќите што носи татнеж
Тоа е татнежот на човечката бура
Татнежот на божествените тапани
Врел ноќен ветер
што носи мириси, полнотија
Зовриена крв, црна, жешка,
Зовриена крв

*

Знаев што ќе се случи
Знаев, полека дознавав сè
Гледајќи во лицето на извесноста
Гледајќи во Законот...
Нема Закон
Рацете како скршени ми виснале во скутот
Струполен од умора, разглобен
Исушени ми се очите од ветер и од настани
Погледот си го чувствувам
како челичен бодеж,
зјапнат во мугрите
И само мугрите ги чувствувам
како земјотрес во черепов
Паднало небото како чекан
на Земјата

*

Чудно пусто ми е во душава
Не знам што се има случено
Се родив со мугриве
Јас и овие луди, мрачни мугри
Со крвава трага преку градите,
јас и мугрите сме вечни
Крваво сонце имаме во градите,
опустошен свет
Јас и овие мугри застанавме
Се скаменивме
Тишина
Тишина
Ни шепот, ни здив не може
да се чуе
Ги нема

*

Како згрутчена крв е небото
Како да е од камен
Како тежок чекан паднало
на Земјата
Насетувам
Насетувам
Човек
Човек уби бог.

------------

Од илустрациите на Шуки:

* повеќе за промоцијата на Фејсбук

 

23 март 2015 - 10:10