Препорака за читање: Сапиенс од Харари

Во превод на македонски јазик, Издавачкиот центар ТРИ ја понудува една од најистакнатите и најпродавани книги за создавањето и еволуцијата на човештвото, делото Сапиенс – кратка историја на човечкиот род од д-р Јувал Ноа Харари.

Ова дело на визионерскиот историчар д-р Харари на фасцинантен начин ја раскажува целата човечка историја, од нејзините најрани почетоци до радикалните откритија на когнитивните, земјоделските и научните револуции. Комбинирајќи го научниот со историскиот пристап и користејќи ги согледувањата од биологијата, антропологијата, палеонтологијата и економијата, тој ги доведува во прашање општоприфатените идеи ставајќи ги настаните во еден глобален контекст. Откривајќи како историските струи ги обликуваат нашите општества, животните и растенијата околу нас, па дури и нашите личности, тој гледа кон иднината поставувајќи го прашањето што сакаме да станеме и каде ќе нè однесе тоа. И дали сме посреќни од нашите предци?

Сапиенс е светски бестселер кој веќе стекна култен статус меѓу читателите. Објавен е на над 50 јазици низ целиот свет и продаден во повеќе од осум милиони примероци. Највлијателните светски личности, меѓу кои и Бил Гејтс, Барак Обама и Марк Закерберг, ја препорачуваат како една од најважните книги што секој треба да ја прочита.

Сапиенс е само првата книга од успешниот серијал на Харари, кој продолжува со Хомо деус: кратка историја на иднината, во која ги разгледува големите проекти со кои ќе се соочи човечкиот род во 21 век. Оваа година д-р Харари ја објави книгата 21 лекција за 21 век, во која се занимава со нашиот актуелен свет и со глобалните и климатските проблеми. Предмет на неговите најнови истражувања се светската историја и макроисториските процеси.

1 ноември 2018 - 10:47