Го најавуваме Рестарт: нов фестивал на млади бендови во Лабораториум.
Осум млади македонски групи ќе го окупираат Лабораториум во петок и сабота на 6-ти и 7-ми февруари. Најистакнатите претставници на свежиот бран на алтернативната сцена ќе настапат во две ноќи со почеток во 20 часот на новата локација на Лабораториум.
Првата фестивалска ноќ е резервирана за: „Член 16“, „Малард“, „Корка“ и „Големата Вода“, а веќе следниот ден ќе настапат „Персеида“, „ЛСД Дјуринг Вор“, „Калико“ и „Животни“.
„Брод полн со свеж звук, пловејќи по новиот бран на македонски бендови стига до вашите уши во Лабораториум. Наменет е да ги прикаже бендовите кои највеќе се истакнаа минатава година, 8 млади македонски групи кои ќе го покажат својот звук. Слушнете ги овие храбри морепловци во Лабораториум,“ повикуваат организаторите.
Сите од овие бендови во последниот период на свој начин придонесоа за видно придвижување на алтернативната сцена, а меѓу составите кои ќе се престават на Рестарт фестивалот се и „Корка“ од Кочани, кои неодамна ја освоија првата награда од публиката на меѓународниот музички натпревар за млади музичари, Имеџин Мјузик Експириенс во Брисел (види „Корка“ од Кочани се враќаат од Брисел со награда од публиката“)
Билетите за една од вечерите на Рестарт фестивалот чинат 300 денари, додека влезница за двете ноќи се продава по цена од 500 денари. Mожат да се набават во Лабораториум и музичката продавница Рестарт во ГТЦ.
Чујте ги, на пример „Животни“ (Мартин Џорлев).