- Бундестагот го одобри контроверзното проширување на овластувањата за германските разузнавачки служби, претворајќи ги од пасивни во активни алатки за борба против закани.
- Службата за надворешно разузнавање (BND) и за внатрешна безбедност (BfV) досега беа ограничени на собирање и анализа на информации, кои ги проследуваа до полицијата.
- BND сега ќе има право да врши хакерски напади за да спречи кибернетски закани од странство.
- Агенти на BfV ќе можат тајно да упаѓаат по домови за да монтираат уреди и софтвер за прислушување и надзор, да манипулираат со апарати и да неутрализираат оружја. Агентите нема да смеат да користат насилни методи, а апсењата ќе останат во надлежност на полицијата.
- Министерот за внатрешни работи Александар Добринт го опиша законот како „реформа на векот“. Тврди дека на Германија ѝ се потребни посилни разузнавачки служби за да се соочи со зголемените закани од тероризам и непријателски хибридни напади од други држави.
- Опозициските партии од десницата и левицата оценија дека широките овластувања всушност ќе создадат нови тајни полициски сили, кои може да се споредат со Штази или Гестапо. Овие партии, како и групи за граѓански слободи најавија дека го обжалат законот пред Федералниот уставен суд.
- Претседателите Доналд Трамп, Владимир Путин и Си Џинпинг ќе одржат трилатерален самит идната недела во кинескиот град Шенжен, на маргините на собирот на организацијата за Азиско-пацифичка економска соработка (АПЕК).
- Лидерите на САД, Русија и Кина ќе разговараат за нов договор за нуклеарно разоружување. Белата куќа најави дека Трамп ќе го отвори прашањето за нуклеарната закана од Иран.
- Војната во Украина нема да биде на дневниот ред.
- Последниот договор за ограничување на стратешкото нуклеарно оружје на САД и Русија - „Нов СТАРТ“ - истече во февруари. Трамп бара нов договор во кој ќе биде вклучена и Кина.
- „Не очекуваме никаков конкретен договор. Целта на средбата е да се подготви терен за разговори на ниво на шефови на држави“, објави Белата куќа.
- Пред трилатералниот самит, планиран е работен ручек на Трамп со Си. Според извори на Ројтерс, Илон Маск ќе го придружува Трамп во Кина, но нема да учествува на разговорите со Си и Путин.