Председателката Сиљановска Давкова одбива да го слави празникот на жената во ситуација кога заради нефункционалност на системот ги загубивме Ивана и Катја а Македонија се соочува со серија на случаи на фемицид.
Наместо вообичаена честитка за 8 Март претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одржа жесток и критички говор на свечената седница на Парламентот на која требаше традиционално да се обележи празникот на жената 8 Март.
Смета дека институционалната превенција доживеала пораз, со оглед на фактот што во првите два месеца од 2026 година веќе се регистрирани четири случаи на фемицид.
Сиљановска-Давкова вели дека клучниот момент е пријавувањето на насилството. Ако жената не добие поддршка од институциите, туку наиде на службеници за кои насилството е дел од заедницата, таа ќе се посомнева во системот и ќе продолжи да трпи. Обучените полицајци, социјални работници и судии, според претседателката, можат да бидат или активни спасители или пасивни соучесници во делото.
Првиот човек на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, го обвини Брисел дека го поткопува европското воздухопловство преку нееднакви давачки за јаглеродни емисии. Повисоко ги оданочува летовите во рамките на ЕУ, а ги ослободува американските и кинеските авиопревозници, иако тие испуштаат повеќе штетни гасови.
Според Евроконтрол, летовите на долги релации претставуваат само 6% од вкупниот број во Европа, но создаваат 53% од емисиите на јаглерод. Сепак, спаѓаат под поевтината категорија на ОН за компензација, а не во внатрешниот систем на на ЕУ.
Европската комисија предложи од 2029 година да ги прошири мерките врз одредени летови што поаѓаат од Европа, но тоа нема да важи за подолгите рути и летовите што пристигнуваат од САД и Кина.
„Урсула фон дер Лајен се плаши да направи нешто освен да зборува. Таа е бескорисна. Европа има патоказ за поголема конкурентност – тоа е Извештајот на Драги. Две години подоцна, ниту една од неговите препораки не е спроведена, а Урсула фон дер Лајен се крие во зградата 'Берлемон' и не прави ништо, освен што држи говори“, изјави О'Лири за Еуроњуз.
Фирми за кибернетска безбедност регистрирале милиони напади врз веб-страници откако беа објавени критични пукнатини во програмскиот јазик PHP на кој се потпира интернетот.
„Десет часа пред објавувањето на ранливоста, забележавме илјадници обиди за злоупотребување на мрежата. Таа бројка се зголеми на десетици илјади во 45-те минути по објавувањето, на стотици илјади во рок од 2 часа, а сега достигна милиони“, изјави Метју Принс, директорот на Cloudflare.
Додека се надградува заштитата на серверите, во прекин се многу владини, даночни, банкарски, авионски и железнички услуги од Финска до Јапонија.
„Тоа беше долг ден и долга ноќ, за сите што работат во информатичкиот и безбедносниот сектор. Вакво нешто не сум видел многу, многу долго време“, изјави Сатја Надела, извршниот директор на Микрософт.