Текстот во рубриката Стигнавме на дното е преземен без интервенции од порталот Бриф.
Најпознатиот земјоделец во државата Душко Илиевски деновиве ја финишираше работата на 5 хектари со компир. Времето годинава се погоди за ова производство па гордиот Душко еве го насмеан покрај полна тракторска приколка .
- Годинава компирот е „петка“, му се погоди врнежливото време а имав и добро семе. Ќе имам околу 200 тона првокласен компир. Традиционално произведувам компир, по тоа ме знаат на пазар. Имав и два хектари под пиперки, боранија, а садам и бамја, кромид , салати и индустриски домати. Мачно е, има многу работа и секој ден од 5 сабајле до 9 вечерта сум во нивите. Ни одмор сум видел ни ништо со години – раскажува Душко.
Како и најголемиот дел од земјоделците и тој се жали на нерешениот и стихиен пласман, на уцената на трговците и незаинтересираноста на државата.
- Скапо е многу производството, 100 денари е семенскиот компир, а се продава по 20 денари за килограм. Ако го продадам арно, ако не го фрлам. Пиперката оваа година има добра цена, по 25 денари за килограм, ама оти ја нема па ја бараат – вели Душко Илиевски и додава дека за да му се исплати производството продава на пазарот во Битола.
- Сите ме препознаваат како Душко млекарот и сега имам многу муштерии, но порано кога ме гонеа за марихуаната луѓето бегаа од мене. Сега сум ценет и почитуван оти ја докажав вистината – вели Душко.
Субвенции нема земено од 2010 година, а годинава немал ни пријавено.
- Знам дека нема да ми дадат и затоа не пријавив и повеќе нема да поднесувам документи. Останувам и во иднина да се борам за подобар живот на земјоделецот – вели Душко Млекарот.