Еден лош чоек си патуаал од еден град на друг и настред пат стрел еден чоек и тој си патуал кај што одел лошио чоек. Откоа се поздравиле двата, се здружиле да патуаат. Лаф муабет, лаф муабет, отвориле за како живеат со ќесати и зулуми. Првио чоек бил кривината, препраен во чоек, а вторио бил правината и тој препраен на чоек. Нито кривината ја познала правината, нито правината ја позна кривината. Чинејќи си таквие лакрдии за како треба да живеат на овие лоши годиње, правината му се плакала на кривината оти и на три дни леб јадела, толку што била на мака.
- Трај си, пријателе, му рекла кривината , нели те стави Госпо со мене, јас ќе ми те најадам и напијам од што ти срце сака. Коа чула правината тие зборои, се израдуала оти нашла еден богат чоек да го најади. Ошле вечерта во еден град и кондисале во еден најбогат анџија. Јале, пиле од што му душа сака неколку дни. На одење го викна кривината анџијата да му кажи есапот. Му кажал анџијата есапот, да речеме 90 грошеи сакал.
- Мошне арно, му рекла кривината, 90 ти сакаш, а пак јас ти дадов 100 грошеи, дај ми назад ти уште десет грошеи.
Коа виде и чу правината тоа нешто, многу се устрами и се скри зад врата. А пак коа чул анџијата тој збор од кривината, многу се налути и се кара со неа, арно ама Госпо да те чуа од шерет даваси, а пак кривината толку викаше против анџијата и батакчија го праеше, што целата чаршија му ја собра и којшто чу, сè анџијата крив го праеше. На тоа згора, виде не-виде анџијата, му даде десет грошеи за од беља и рече:
- Правино, правино, кај си ?
Чу правината од зад вратата и му се одгоори:
- Еве сум зад врата, бре анџи, туку што да ти праам кога и јас јадов?
Оттогај се одделија правината и кривината и нема да се здружат до векутума века.
Марко Цепенков