Дното ни е плафон и ништо не е готово, можеме ние уште подлабоко да се закопаме. Што друго освен дно е држава која не зависи од сопствените граѓани, туку од наклоноста на странскиот фактор кон одредена политичка опција и од слободната игра на случајот во пресметките на големите сили?
Можеби во калта не сме сами, заедно со нас се препелкаат, се дават во смрдеа и трпат шлаканици речиси сите соседи и барем уште стотина други земјички со минимална, малку поголемка или средна големина, но чинам дека засега сме единствените кои од сопственото понижување прават тотем околу кој вртат оро, му се умилкуваат со жални песни и без ничие барање му принесуваат дополнителни жртви во крв и жито.
Политичката елита не нуди суштински решенија за безбројните проблеми и времето на нацијата го троши на псевдо-дебати околу тоа која страна има поголема поддршка од САД и ЕУ, а која јавно или тајно работи за божем некои други интереси. Славните експерти, аналитичари и партиски идеолози (боже прости што го користам овој термин за тие нископрофилни паламудери) буквално му се закнуваат на сопствениот народ со најсевозможни глупости од типот: Ќе видите вие со кого си имате работа, АВАКС-и има над Македонија, американски маринци ќе ве суредат ако не го направите ова или она! И тоа им минува! Зошто по ѓаволите американски маринци би интервенирале во земја сојузник, каде што трае бесконечен судир на две политички концепции кои во надворешната политика немаат никаква меѓусебна разлика, освен што едните прифаќаат понижувачки договор со Грција а другите веројатно не? Ама на идеолозите ваквата теза им проаѓа. Славни новинарски пера без никакво стеснување пишуваат дека Македонија, (Северна или било каква), постои само и единствено поради милоста божја...овај странска - се извинувам, а да беше оставена сама на себе одамна ќе пропаднеше. И тоа минува! Самостојноста и слободата на одлучување за сопствената судбина веќе не се користат ниту при чиста формалност, а камоли некој сериозно да размислува дека е возможно воопшто да понуди било каков проект, било каква оддржлива супстанца која би зависела само од нашите способности и сили.
Никој не спори дека имаме потреба од помош, нужни се сојузници, неопходна е поддршката на најголемите, особено во случај ако постои смртоносна закана за нашето опстојување од некој „вањски“ фактор. Но ние не сме загрозени однадвор. Прифатлива е добронамерна странска медијација и во внатрешните интеретнички конфронтации, што да прават ЕУ и САД, ќе помагаат за да не се испоубијат балканските примитивни племиња, со Тутсите и Хутите им избегаа работите од контрола, сега со нас мораат да бидат на штрек.
Но овде не се работи за судир на релации Македонци-Албанци, Срби-Власи, Турци-Роми или слично. Овде се работи за јавно, бесрамно признание на комплетниот владетелски систем дека ние немаме капацитет за никаков меѓусебен договор, за никаков автономен политички живот, за макар и одглумена борба на идеи, па дури ни за базично, елементарно опстојување во некаква организирана форма, без некој да ни стои над глава, да нè влече за уши и да ни покажува кога да станеме, кога да седнеме, кога да јадеме и кога да си легнеме.
И во тие и такви околности, дури и излегувањето на протести и демонстрации против загадувањето, поскапување на лебот или таман работа вакви за името, зависи од прашањето КОЈ ги организира, при што не се мисли на власта и опозицијата туку на СИЛИТЕ кои стојат позади нив. Па човече кој да те организира ако ти е преку глава од тоа што дишеш шести најзагаден воздух во светот, ако не можеш да издржиш со 20 илјади цел месец, или ако не ти влегува во мозокот дека некој во твое име прифатил дека треба да се викаш поинаку?
За тоа се работи, а не за патрициската екипа од Водно која ем дише планински воздух, ем јаде само месо, ем реално никогаш не се интересирала за „плитки“ национални прашања со кои е опседнат бедниот плебс. Нив ги интересира само која сила ги поддржува во упорната желба да бидат на власт. Ништо повеќе од тоа. Утре, задутре ако Кина се наметне како главен фактор тие ќе најдат начин да му се упикаат на кинескиот амбасадор, а нивните идејно-политички комесари ќе почнат да пишуваат со знаковно писмо и да гнетат со стапчиња. Ние ќе дишеме смог од кинески фабрики, ќе јадеме најевтин кинески ориз и може да смениме име во Северо-западна кинеска република Лузеристан. Или во Дностан, подобро. На дното му е сеедно кој ќе му го злоупотреби името.