Евровизија со Евровизија се избива

Пошто стварно немаме што повеќе да кажеме на тема Евровизија, да пробаме актуелната бучава околу последниов избраник Гарванлиев (на македонски: Чавков?) да ја замениме со една друга, поинаква бучава.

Се работи за еден наш стар фаворит кој никогаш немаше среќа да се најде на евровизиската сцена, за прописно и уште поважно, за век и веков да се одјавиме од тоа.

Се разбира дека сакате да ја слушнете и ќе ја слушнете но, не ќе оди тоа така лесно. За да дојдете до бисерот, ќе морате да минете низ една текстуална голгота која своевремено ни ја прати комплетниот автор на песната, господинот Здравко Остоиќ Адамон.

Пер аспера, ад астра, ви текнува?

Песната се вика „Момина солза“ и текстот оди вака:

*********

Господинот Здравко ни прати уште еден текст, неопходен за комплетно разбирање на неговото дело. Ви го пренесуваме интегрално:

УПАТСТВО ЗА СЛУШАЊЕ НА ДЕМО-СНИМКАТА

„С О Л З А    М О М И Н А“

Три-минутно музичко сведоштво за Македонија

Музика, лирика и аранжман: Здравко Остоиќ Адамон

Неопходно е да се напомене дека песната е пратена на конкурсот за Националниот избор за Евросонг 2007, каде што од 120 композиции не е примена и покрај тоа што во неа комплетно се вткаени сите елементи на Македонската фолклорна лирика и мелоритмика, како што и првично беше инсистирано во самиот конкурс, дека всушнот тоа ќе биде овогодинешниот стандард по кој ќе се вреднуваат сите пристигнати композиции, како авторско дело. (Тука нема да давам анализа за конкурсот, бидејќи истата веќе e поопширно направена во моите претходни две отворени писма.)

Треба да се нагласи дека ова не претставува финална снимка, која би морала да се направи во професионално музичко студио, туку е демо-снимка направена во скромно и импровизирано домашно студио; Вокалите се демо-вокали, со цел за давање на првична звучна слика на песната, која е неопходно да ја отпеат професионални вокали; Според мое мислење, најсоодветни за вистинско доловување на емоцијата и фолклорната архиетипска нишка на песната се Гиш и Елена Христова, гр. Баклава, кои исто така одлично би ја нагласиле тенденцијата за квалитетен прогрес на фолклорниот израз, со цел за поцврсто поставување на Македонскиот етно стил, како единствена можност истиот да биде пошироко прифатен, почитуван и употребуван, како што е на пример Ирскиот фолклор, кој низ призма на модерна поп еволуција и стилизација, станал еден од највлијателните музички и културни инспирации во светот.

Исто такво влијание би можел да изврши и Македонскиот фолклор, бидејќи има конгенијална сила, но само доколку биде насочен во вистинскиот правец и третман на суптилна стилизација... На демо-снимката не свират живи инструменти, кои речиси би биле неизбежни во создавањето на финалата снимка на песната, со цел вистински да се пресоздаде Македонската душа, која во светот на минливоста би била соодветно материјализирана како откорнато парче од вечноста.

Со оглед на сето горе наведено, молам да извинете за сите евентуални технички недоследности во снимката, и истата да биде разгледана и слушана само како една разработена скица на музичко дело, кое во однос на продукцијата и аудио техничките можности – допрва треба да биде создадено (односно да биде вреднувано само како авторско дело).

ИДЕЈНА АНАЛИЗА НА ПЕСНАТА

Анализа бр. 1Ликовите: Индивидуалното и колективното несвесно

Во песната постојат два лика: машки и женски. Со тоа е поставена симболиката на два света кои тежнеат кон единство. Машкиот лик е Македонскиот човек, а женскиот лик е неговата анима, како библиска реминенсценција на Адам и Ева, на телото и душата, на денот и ноќта, на доброто и злото.

Неизбежна неопходност низ согорувањето на двојните енергии, низ процесот на спиритуална алхемија да се напласти златната скулптура на балансираното единство на сите енергии; Како патникот и неговата потрага, како грешникот и неговата грижа на совеста, која единствено може да го просветли до покајување; Како таткото и мајката, како зборот и солзата, која ја има силата да поведе по таинствен мост, до совршенството на една искрена насмевка. Зошто два лика? Затоа што без двата, нема да има можност да бидат разбрани ни едниот ни другиот, што би довело до тотален колапс и апокалипса на претставувањето на Македонскиот идентитет, кој сè уште е во потрага по своето единство.

Анализа бр. 2Ритмиката: Часовникот на времињата

7/8 ритам е еден од најкарактеристичните придружни елементи од креативната целина на Македонската фолклорна мелоритмика, но поради неговата често изолирана или несоодветна употреба во однос на останатите придружни елементи, намерно се обидев да не го истакнам директно, поради горе споментатото, но и поради тоа што за многу странци неправилните ритмови се доста конфузни и за нив не лесно разбирливи.

Тоа е причината што тука 7/8 есенција е разложена и претставена малку поинаку. Самиот 7/8 ритам всушност е создаден од директна комбинација на тројна и двојна пулсација. Во самата песна, почувствував дека ќе биде многу пошироко прифатливо доколку се избегне директното комбинирање на тројна и двојна пулсација од оригиналната структура на 7/8 ритам и да се примени индиректно комбинирање на тројната и двојна пулсација.

Тоа се постигна така што на тројната пулсација и е дадена доминација во строфите, а двојната пулсација доминира во рефрените, со што се формира една индиректна реминесценција на директно комбинираните структури во 7/8 ритам.

Анализа бр. 3Музиката и лириката: Двата храма на душата

Во музиката и лириката се употребени многу симболи,  карактеристични зборови и тивки референци до руралните убавини на Македонија, како и индиректно симболизирање на историјата, духовноста и културата на Македонскиот ентитет.

Самиот наслов „Солза момина“ директно упатува на душата на Македонија, на нејзиното древно битие, небесна сила и издржливост, како духовен отпечаток материјализиран од нејзината историска меланхолија, нејзината солза, како прв доказ за нејзиното постоење и опстојување.

Самата атмосфера на песната првично е поставена во дамарите на ноќта и природата, како симболи на комплексноста на историјата на Македонија и нејзината, во голем дел сочувана, чиста и неспознаена убавина.

Првите извици „Ааа, ааа...“ се симболика на бескрајното ехо низ планините и ридовите, кое ги дешифрира минатото и сегашноста, и ги носи во димензијата на иднината. Тоа е Македонската воздишка, немо изречена молитва кон сонцето, за воскресение на новиот ден.

„Појдов аман, вечер голема, од езеро ем рамнина...“ едноставно ја вперува светлината кон започнувањето на портретот на Македонскиот лик, почетокот на патот и долговековната потрага кон сопственото ослободување.

„Видов аман, гори високи, ѕвездите се твои ангели...“, симболизирање на Македонскиот Феникс – надежта и бесмртната верба во иднината, а ѕвездите се симбол на нејзината водилка, Европската Унија, која ја носи кон изгрејсонцето на вистината и благосостојбата.

Во песната е втакено Македонското минато, Македонската сегашност и Македонската иднина, симболизирајќи го светото тројство, како нејзин историски, религиски и културен астро-портрет.

„Солза момина се роди од небо, само ја чекам неа да дојде...“ го изразува копнежот кон сонцето на слободата.

„Роза румена, срцево ми е за неа...“ сведочи за Македонската верност кон религијата и вистинските вредности, како 10-те заповеди врежани во каменот, така христијанската вера е соединета со румената роза – искреното срце.

„На грлото носи ситни роси, момини солзи.“, симболика на сочувството и хуманоста на душата на Македонскиот народ, кога солзите воскреснуваат во момини солзи – нова надеж.

„Ангели од неа, срце за неа!“, крикот на Божјата милост и заштита, во раѓањето на сонцето, како срце кое дарува живот и ја носи подобрата иднина за Македонија.

Завршницата „Сонце огреа...“ претставува расцутување на мугрите, на целта, која со себе ги носи плодовите на слободата и подобрата иднина за Македонскиот народ.

Со ова се заокружува минијатурната мелолирска мапа на Македонија.

Анализа бр. 4Аранжманот: Градина на минатото, сегашноста и иднината

Аранжмански, доминантен инструмент е соло гајда, како најсоодветна за музичко визуелизирање на руралните недопрени и девински убавини на Македонија. Гајдата е верен сведок на Македонската древност и карактеристичен глас на изворниот селски фолклор, веднаш холограмски ве пренесува на бескрајно зелените пасишта, златно богатите полиња, покрај сафирските синила на езерата и самовилското шепотење на бистрите реки до снежните врвови на планините; Ве носи до портите на Христијанските храмови и ви дарува китка шарена и низа Охридски бисери од сопствената рака, низ безвремето на чувствата, ја одмрзнува убавината на старите времиња..

Чалгијата се појавува како како инструмент, кој ја симболизира интимноста и таинственоста на искрената молитва и претставува симбол на премин од изворниот селски фолклор кон градскиот чалгиски стил, каде чалгијата како инструмент била доминантна за изразување на чувствата и мислењата на Македонскиот градски човек.

Во средниот инструментален дел доминираат лимени дувачи и гудачи, заедно со чалгија и тарабука, со што се поставува ориенталната атмосфера на долговековното Турско ропство. Завршницата на средниот инструментален дел претставува кратко и директно отклонување во 7/8 ритам, како симболика на Илинденското востание и борбата за ослободување. Потоа, аранжманот се смирува и го симболизира продолжувањето на патот на Македонскиот човек кон сонцето на слободата.

Помодерната ритам секција, која го означува новото време, и акустичната гитара со разложени акорди, се јавуваат како најсоодветни за аранжманско соединување на сите инструменти во едно неразделно и живо музичко ткиво, и го симболизираат течењето на времето.

Анализа бр. 5Интерпретацијата: Дешифрирање на јазикот на душата

Вокалната интерпретација на машкиот принцип е замислена како едноставно и таинствено монашко пеење, но со кристална разбирливост и јаснотија, што ја восприема душата до просветлување; А интерпретацијата на женскиот принцип е замислена како соло стилизација на женско, Македонско, фолклорно, богато емотивно и орнаментирано пеење, како најдобар начин да се пренесе длабочината и емотивноста на Македонската анима, која со векови на Македонскиот човек му вдахнува живот, надеж и верба во иднината.

Во однос на инструменталната интерпретација, деловите кај што доминира гајдата се реминесценција на Македонскиот изворен фолклорен стил, деловите кај што доминира чалгијата асоцираат на Македонскиот градски чалгиски стил; Делот со лимени дувачи, гудачи и тарабука го поставуваат ориенталниот стил, а ритам секцијата и акустичната гитара го носат стилот на новото време, со кој сите стилови се обединуваат во суптилен синкретизам.

Апел епилог

Доколку на било кој начин можете и сакате да помогнете за финална реализација и презентација на проектот „Солза момина“, три-минутно музичко сведоштво за Македонија, поканети сте и добродојдени тоа да го направите и верувајте дека секоја ваша помош, макар и симболична, ќе биде длабоко респектирана и кредитирана, бидејќи вие ќе овозможите заедно да придонесеме да продолжи да се раскажува приказната за Македонија, преку музиката, како единствен вистински универзален јазик, преку кој душата на Македонија навистина умее да раскаже за себе си.

Здравко Остоиќ Адамон, дипломиран музичар,

комплетен автор на песната „Солза момина“,

три-минутно музичко сведоштво за Македонија

****************

Ако успеавте да дојдете до овде, макар само со скролање, ја заслужувате оваа частенка:

17 март 2021 - 13:57