Балканштина

Бугари против Хеловин

Сцена од Благоевград од бучни протести против западниот Хеловин со намера да се вратат луѓето на „патриотскиот Хеловин“ кои го викаат Кукери и на кој, негде пред Нова година, со маски, костуми и клопотарци, се протеруваат лошите духови. Бонус предност: на Кукери не се главни колачите туку ракијата. 

Филозофијата на баба Љубица

Баба Љубица е фото робот за архетипска балканска жена од постарите модели. Домаќинка е, знае и сака да готви (на мрсно не штеди), ама е јако наивна па најјаките и најискрените работи ги кажува кога мисли дека не ја снимаат. Овде го сомничи внукот дека потпаднал под влијание на некоја секта а кога ќе ѝ кажат дека тој е филозоф, Љубица со полна емпатија ќе каже: Тешко њему!

Свети Филтер Инстаграмски

Екипата на Иван Ивановиќ ѝ фаќа сеир на Маја Николиќ, српска пејачка, станарка на Фарми и други реални шоуа и од пред некое време јак верник. Маја решила да ја промовира книгата „Чудотворец“ за свети Нектариј Егински. А Маја кога објавува нешто на социјални мрежи, редовно користи филтер. Верски неутралниот филтер решил да го разубави и подмлади и Нектариј. 

Брак се чита меѓу редови

Жената разумно го сумира нивниот долг заеднички живот, имало тешки моменти кои требало заедно да се пребродат, имало и убави моменти а најважно од сè, вика, е кога меѓу двајца има разбирање и почит. Но, сликата за нивниот брак станува 3Д дури откако таа ќе заврши па ќе му рече и тој да каже нешто.

Извештај во Ракијада

Бидејќи ракијата е најдобра како колективен спорт, учествуваат само екипи по пет члена, од кои 4 се во трка а петтиот е designated driver (пие и тој ама не му се рачуна). Победници се едни млади и кондиционо навежбани јетри од Инѓија а организаторот сумира дека многу е тешко човек да испие повеќе од литар ипол. Во коментари се гунѓа дека штом се на нозе, ракијата била слаба. Србија, нормално.

Регулаторна мистерија

Директорот на регулаторната комисија за енергетика на Република Српска реши на граѓаните да им ја објасни новата методологија по која се доаѓа до цената за струјата на домаќинствата. „Лесно се пресметува...“ ќе рече даскалот и ќе почне да плетка до бескрај. Новинарот комотно можеше да го прекине и квизаџиски да му каже: Имам точен број!