Фраероќата и ова годишно време ја паркира колата пред врата ама овојпат таа работи додека они пијат еКспресо. Пошо нели да работи климата. Во Јуни веќе почнува да се шета поцрнетата кожа, кој од солариум, кој од викенд кој со ракавче исунчан. На Аминта трети можеме преку ден да ги видиме и мини фустаните во дреч бои, жените кои се уште веруваат дека силиконските прерамки не се познаваат, како и градските девојки со најновата стрит мода. Го сакам Дебар маало. Навечер се шетаат новите тетоважи по летните дискотеки кои се секогаш преполни. Скопје е убав град во лето. Но, колку и да го градиме во Барок стил остануваат некои пазарче стил моменти скоро во секое маало.
Камион со бостан во Капиштец. Најубаво. Ако немаш кај да прошеташ се симнуваш доле, маваш чврги по лубениците иако не знаеш како треба да звучи зрела лубеница, ја зимаш таа што можеш да ја носиш. Скопје станува се поинтересна дестинација за туристите. Некој доаѓа на гости, некој за сеир, некој по работа, а некој за забава. Прво што бараат е канцеларија за туристи. Нема. Можат само да се качат во такси и да дојдат на плоштад и да ги видат спомениците и музеите.
Доколку се дојдени на викенд или празник не можат да си купат сувенири по продавниците за истите пошто се затворени во недела и за празник. Кој им е крив кога не си доаѓаат во Среда сабајле, најубаво, све работи. Ако туристите решат да ги посетат убавините на Македонија мора да најдат некој да ги однесе или фино лепо Гугл мапс и рент а кар. Ако читаат кирилица, пошто поголем дел од рент а кар рекламите се на кирилица. Нека си научат на време. Хотелите во Центар кои немаат свој паркинг наидуваат на проблем зонско паркирање, така сместувањето во Центар за просечна цена од 40-50 евра кошта малку повеќе.
Да ги сместиме во околните населби на пример, така ќе можат све да разгледаат. Најубаво. Доколку некој шета странец немој да промаши да му напомене дека спомениците се ту мач и да им расплете една приказна за буџетот и за барокот. Не е кул да си го плукате градот каков и да е. Во Скопје нема доволно базени за да можеме да одиме почесто. Плажите во парк се супер дестинација за прошетка и секогаш се полни.
Кејот на Вардар е одличен за спорт и рекреација после 19 часот. Најубаво се шета на патеката за ролери и велосипеди. Љубителите на коктели имаат навистина голем избор летно време, па и останатите научија дека Мохито не е единствен коктел летно време. Летото е навистина напор за вработените во кафичите, преполно е луѓе и многу е топло. Затоа не го малтретирајте персоналот со две коцки мраз или три, колку рум има овде, до кога ќе чекам и слични префраерски коментари. Имајте разбирање и оставете бакшиш. Заслужено е. И ве молам закопчајте ги ленените кошули, знаеме, медитерански стил фурате океј е. Јахтата кај ви е паркирана? ФМП
Ина Многуфина