Секако не е сеедно пред кои кафичи излагам. Бич плиз јас сум од Дебар маало. Прво што приметувам е услугата. Генерално е океј но има и некои места кои мислам дека персоналот си го носат на семинар за кулоќа пред да им дадат смена. Тие ми се омилени. Доаѓа, со мал ај контакт ти дава на знаење дека тебе те прашува што ќе се напиеш. Секогаш во второ лице еднина пошто персирање е мејнстрим. А и си му дошол на смена што автоматски ве прави блиски пошто човек на човека му е келнер (стара народна). Нарачуваш, носи и ако донарачаш вода или кафеав шеќер добиваш фаца како да си му го фатил паркингот во Градски ѕид. Фацата е најважен дел од семинарот за кулоќа.
Овој популарен вид на келнери ретко ти го тресе пепелникот за да ти се згади и да престанеш да пушиш. За твое добро, пошто пушењето е извор на многу болести а во Скопје најчесто на цистит. Викањето на сметка е обично кај сите ист, мафташ додека не те види колегата па да му/и каже дека треба сметка да донесе.
Некои од келнерите никогаш немаат ситно 20-30 денари и автоматски тоа се вика бакшиш.
Друга категорија на омилени луѓе како муштерија ми се Газди. Газди на кафана. Има такви кои се грижат да останеш редовен гостин преку пријатната атмосфера и добрата храна. Секоја чест. Но има и газди кои се маркетинг гуруа. Тие обично имаат фејсбук профил и куп слики од јадењата кои секој ден ги шернуваат. Тоа многу ми смета бидејќи од нив не можам да проследам колку бушави се разбудиле децата на моите другарки и што облекле за во градинка. Истите тие газди кога ќе те сретнат прво што ти кажуваат е дека одамна не си му дошол во кафана и ние после тоа треба да се чувствуваме опоменати. Е, Газда левел ултимејт е ендемски вид.
Тој кафаната ја третира како дневна соба кај него дома. И кога си кај него дома се знае кој е Газда. Тој може на резервирана маса за 10 луѓе да смести свои пријатели па оние со резервацијата да дознаат за тоа кога ќе дојдат, од келнерот. Секогаш со муабетот „Газдата така рече шо да ви праам.“.
Колку и да звучи смешно малку така незгодно е. Услугата многу зборува за локалот и третманот на гостинот. Гостин, зошто муштерија е за бакалниче. Гостинот може и не мора да е задоволен. Има и такви кои во слободно време тренираат изживување врз персонал но генерално гостинот е ред да биде услужен барем љубезно. И лоша реклама е добра реклама не проаѓа тука. Социјалните мрежи се толку сурови за хејтање што лошиот глас надалеку се слуша и ретвитува (стара народна)
И да, имаше лани неколку места на кои им беше грижа за тие што преседуваат надвор па имаа грејачи и ќебенца. Им благодарам. ФМП.
Ина Многуфина