Од овој момент ќе ги исклучиме сите прави верници и луѓе кои навистина ама навистина се разбираат во тоа, и ќе се осврнеме кон верниците од типот поголеми Католици од Папата. Оваа категорија ооо пресветли верници никогаш нема отидено на литургија или попопуларно кажано „попот уште пее“. Нема потреба, а и башка секој си верува како сака.
Воопшто не мора да идеш во Црква, на пример доволно е да оптегнеш аксесорис лвл огромен Крст на деколте кога ќе излезеш во град и јас одма ќе знам дека си оооо пресветла верничка. Крстот како аксесори никогаш не го разбрав. Големината варира во зависност од тоа колку ти е длабоко деколтето и секако дали ја пратиш модата преку ДМ каналот. Крстот е унисекс аксесори, можат и мажите да го носат.
Ако случајно не ти стои тоа ланче на миничот тогаш слободно стави бројаница на рака. Тоа се оние што ги носат како алки крст во крст плетени, изгледаат како топчиња, обично 33 колку што Исус имал години кога бил распнат и служат за молитва, вртејќи ја бројаницата во рака за секое едно кажуваш молитва. Тие на пример супер стојат како алки уз бижутерија. Летно време поголемите ооо пресветли вернички ги носат околу глуждот на ногата. Одлично стојат на сандала и сукња и не рѓосуваат.
Во црква се оди на свадба, на крштевка и секако на Велигден. И ако си сонувал лошо. Црквата е тогаш место каде што се пресретнуваш со познатите и се врти муабет „леле Магде како си ослабела“ „умреф на штикливе“ и „од колку сме во ресторан?“. По некоја горда мајка лвл „имаме 28 месеци и 3 месеци (1 дел)“ црквата ја гледа како одлично место да си го истрча детето меѓу иконите, пошто надвор е топло/ладно. Слободно може да викне по детето да прекине да трча и да го заигра со „Ѕе“, додека „попот уште пее“. Иконите сите се викаат дедо Боже, што нема никаква врска со дедо Мраз или дедо Трајче.
Кумот шегаџија ми е секогаш омилен на таквите ивенти. Оние шеги што му ги дофрлуваат на попот на сред венчавка за крунисаните младоженци, за да ја пресмеат насобраната маса, па куме цароќо бре. Врв на Кум ми е шегобиец на крштевка. Тој, во делот кога во име на новокрстеното дете се откажуваа и плукаа на Сотоната, на изреченото „плукам и газам на Сотоната“ вадат секрет од петици и траскаат со ногата на под ко да гмечи бубашваба да ечи цела црква...пошо да се знае кој е кумот овде. Тука се врти кон родителите на детето и, ова ми е врвот, намигнува демек „уживај, и покажав на сотонава убаво“. Родителите пак, најчесто место да мислат на значението на чинот на крштевката во глава ќе се пребројуваат дали нарачале доволно порции за во кафана после тоа, и дали кошулата на кумот ќе му е точна што е во бовчата. На Велигден оваа година видов една во Соборен храм со црвени штикли. Не ја сликав, уште ми е криво.
Постите ми се омилена тема секогаш. Редовно овој вид на оооо верници не постат за божиќните пости пошто баш тогаш е Нова Година, а не бива дочек без руска салата и прасечко, така да нека ми прости дедо Боже ама ај па здравје од Бога на пролет за Велигден ќе постам таман за пред одмори малку така....
За Петровденските пости па ич. Знаеш сред јули кај се пости, ќе одиме до Грчка на одмор, па гирце суфлаки, не, не дека не можам глупости, ама никој од друштвото не пости, не се многу верници, и јас ај сеа да не се одвајам специјално за мене храна...а таму баш има едно Црквиче да ти кажам близу е одма до плажа па си влагам после плажа обично кога е отворена, блуза врз бикините ставам и тресам малку песок од апостолките и така влагам, не можам да поминам јас а да не запалам свеќа.
Значи не викам не, секој си верува како што сака. Но овие верници на пример за другине по посветени на верата викаат дека се „забегани по црквата“. И така сите сме верници, освен оние што се декларираат по вера атеисти. Атеизам е вера колку и несобирање марки што е хоби, рекол некој. За разлика од атеистите имаме и верници светци. Омилен се уште ми е бизнисменот Коле. Легендата вика дека донирал фреска во манастир покрај Гуча на која Св. Никола ги спасува давениците и на истата се нацртал себе, сегашната жена, бившата жена и трите деца од двата брака. Господи помилуј. Аман. ФМП.
Ина Многуфина