Филмот „Руини“ на Елена Чемерска со македонска премиера на „МакеДокс“

По светската премиера на Шангајскиот интернационален филмски фестивал, долгометражниот документарен филм „Руини“ во режија и по сценарио на Елена Чемерска премиерно ќе биде прикажан пред домашната публика во рамките на 17. издание на фестивалот „МакеДокс“, на 24 август во 21 часот, во Куршумли ан.

Станува збор за интимен документарен филм за личната и колективната меморија, за загубата и наследството, во кој процесот на реставрација на еден споменик се претвора во патување низ сеќавањето и времето.

Враќајќи се во Северна Македонија за да го започне процесот на ревитализација на Споменикот на слободата во Кочани (модернистичкиот споменик создаден од нејзиниот покоен татко, уметникот Глигор Чемерски, и архитектот Радован Раѓеновиќ), Чемерска го отвора прашањето што значи да се обнови нешто што било оштетено, напуштено или изгубено. Архивските снимки и личните сеќавања се испреплетуваат со сегашноста на споменикот, создавајќи простор во кој личното искуство на тага се вкрстува со исчезнувањето на некогаш споделениот општествен идеализам што одбележал една замината епоха.

Филмот произлегува од долгогодишниот проект „Татковина: Споменик на слободата“, инициран од Чемерска во 2017 година, кој низ меѓународни соработки се фокусираше на значенската и на физичката ревитализација на споменикот. Проектот кулминираше со целосната реставрација на споменикот и на неговите мозаици во 2024 година, овозможена со поддршка од US Ambassadors Fund for Cultural Preservation, во соработка со Општина Кочани.

„Руини“ ја продолжува оваа приказна, но ја поместува перспективата од самата реставрација кон она што останува зад неа: прашањата за загубата, наследството и можноста нешто да се врати во живот. Поимот „руина“ престанува да се однесува исклучиво на материјалната состојба на нештата, туку станува симбол за состојба низ која минуваат луѓето, идеите и сликите за светот што ги создаваме.

Светската премиера на „Руини“ се одржа на 14 јуни 2026 година во рамките на 28. Шангајски интернационален филмски фестивал, каде што филмот беше селектиран во натпреварувачката документарна програма. Проекцијата се одржа пред полна сала, а по неа следуваше разговор со публиката и средба со авторскиот тим.

Филмот е продукција на Cinema Futura и Minimal Collective од Северна Македонија, во копродукција со Restart од Хрватска и POTEM од Словенија. Продуценти се Иван Унковски, Ивана Шекуткоска и Елена Чемерска, а копродуценти се Оливер Сертиќ и Ивана Нацева. Филмот е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Хрватскиот аудиовизуелен центар (HAVC), РТВ Словенија и во рамките на програмата „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, имплементирана од Хартефакт фонд. Камерата е на Ѓорѓи Клинчаров и Марина Колоска, монтажата ја потпишуваат Владимир Гојун и Горјан Атанасов, дизајнот на звук е на Лука Гамулин, а музиката ја компонира Игор Василев Новоградска.

По македонската премиера на „МакеДокс“, „Руини“ ќе има и посебна проекција на Споменикот на слободата во Кочани на 3 септември, во соработка со Europe House. Проекцијата на местото што е во самиот центар на филмската приказна ќе понуди поинакво доживување на делото, токму во просторот чија историја, трансформација и реставрација ги следи филмот.

Со проекцијата во Кочани, филмот се враќа на местото од кое ја започнува својата приказна — на споменикот што низ процесот на реставрација повторно го воспоставува своето физичко присуство, но истовремено го отвора прашањето што навистина може да се врати во живот, а што останува трајно изменето.

(ПР објава)

18 август 2026 - 11:31