Балканштина

Пиринска се буди

Ставаме ваков претенциозен наслов само затоа што што во соседна и европска Бугарија се шокираат и стаписуваат ако некој се произнесе за Македонец, во случајов Македонка. Пејачката Василија Петрова, своевремено учесничка во шоуто „Гласот за Бугарија“ рекла дека се чувствува како Македонка, ставила едно „ј“ во името и навивала за „радикална партија“. Проблем? Кај нас сакаат во устав да влезат, кај нив не даваат човек во срце да си влезе.

За љубителите на полицијата

Кодоши, тастери, цинкароши, денунцијанти... се оние кои не соработуваат со полицијата од професионални причини туку - од љубов. Во социјалистичко време Службите паметно распоредувале такви луѓе на занимливи позиции (на пример келнери во драмски бифеа каде после неколку чашки им се разврзувал јазикот на уметниците и другите „инфлуенсери“). Душан Ковачевиќ се заинтересирал и за бројката на таквите во Белград. Многу. А не сме сигурни дека тие времиња имаат поминато. 

Лоши денови за Чеда Јовановиќ

„Чеда, ожени ме!“ беше чест транспарент кој го носеа млади девојки на протестите во Србија на  средината на 90-тите кога се рушеше Милошевиќ. Чедомир Јовановиќ, еден од најблиските луѓе на Зоран Ѓинѓиќ во тоа време беше ѕвезда на тие протести, млад, храбар, згоден, бескомпромисен. Во меѓувреме се појавија бааги детали кои ја нагризаа таа слика за него (дрога, шурување со клановите...) а денес тоа изгледа вака.

Полош Халид немате чуено

Не случајно Халид Бешлиќ е грандиозна легенда, за обичните смртници чии емоции се баждарени на неговите песни, па до ликови како Едо Маајка или Миљенко Јерговиќ. Каков таков, Халид не може да звучи лошо, дал во студиска, кафанска ил стадионска атмосфера.... ОСВЕН кога неговите песни би се прилагодиле на невкусот на денешната музика. Слушнете ја оваа музичка бласфемија и извинете.

Вучиќу, Ѓиласе!

Колекција од транспаренти од протестите и блокадите кои под студенско водство веќе неколку месеци се случуваат во Србија. Има јаки, има патетични, има и такви кои човек може да ги разбере само ако ги следи локалните цаки. Бидејќи вакви работи капиларно се пренесуваат наоколу по питај бога кои сè канали (и нивната црвена дланка не е баш оригинална), ги молиме овдешните активисти барем да не ги копираат патетичните. Додуша, веќе почнаа.   

Го знаете Миќо Црногорецот?

Митар, Миќо е старка и Црногорец со краток фитил. Неговиот национален идентитет стои во непомирлив контраст со Србите па Миќо за себе ќе каже дека по народност е анти-србин. И нормално, за тоа што најмногу те нервира најмногу ќе те зезаат, па го провоцираат дека е Србин и му дигаат три прсти. А на провокации Миќо одговара со пцовки, плукање, барање пиштол и налог за апсење.

Што прават бугарски домаќинки кога им е досадно?

„Бугарска домаќинка, од досада, со години ја фалсификувала турската историја на Википедија.“