Дарко Мораитов - Парадокс

Парадокс – "Еден навидум неприфатлив заклучок кој произлегува од навидум прифатлива премиса, по пат на навидум прифатлив заклучок"

Парадоксите на Дарко Мораитов ни даваат силен поттик за критичко размислување, мотивирање на нашите интелектуални инструменти на расудување. Всушност тие ни сугерираат еден вид визуелна антиномија на понудените приказни-загатки. Од таа позиција Парадоксите на Мораитов не се просторни туку временски. Затоа можат да се "дефинираат" како "мината иднина", како духовен и церебрален баланс на противречности. Иницијалниот футуризам во мотивите на Мораитов не е во функција на конечно раскинување со минатото, туку делува како допир на традицијата и побуната, како спој на помнењето и идејата. Мисла без парадокс е како љубовник без страст, фотографија без парадокс е како фригидна метреса.

Овој ликовен (намерно не – фото) проект напати "нескромно" излегува од рамките на парадоксалното, притоа кокетирајќи со оксиморони и иронија, со козерија од типот "целовита фрагментарност" или "есенцијата на стиропорот". Изобилството од симболички назнаки: бело-спознание, црвено-концентрација, млеко-бесмртност, калинка-плодност, риба-живот, јајце-зачеток/медитација... ја надградуваат клучната наративно-визуелна структура на фотографиите на Мораитов. Истражувањето на парадоксот е базичната окосница во креативниот експеримент на Мораитов, штедро зачинета со прецизност во перспективите, конзистеност во композицијата и високата селективност на енергетските точки на секое поединечно дело.

Овој проект е како патување низ зачудните димензии на човековата имагинација, како инсистирање за толковен напор во откривањето на сопствените парадокси.

Влатко Галевски



Парадокс - Дарко Мораитов

време: 15-ти септември 20:30 часот
локација: МКЦ

Повеќе за изложбата - тука

11 септември 2015 - 11:05