Cineplexx се простува од Иван Хиниќ

Со длабока тага ја известуваме јавноста дека на 13 ноември, на 54-годишна возраст, почина Иван Хиниќ, директор на компанијата Cineplexx во Македонија.

Иван е роден на 25 септември 1972 година. Од 1998 година беше дел од филмската индустрија, на која ѝ посвети речиси три децении од својот живот. Со своето знаење, искуство, визија и посветеност даде немерлив придонес во развојот на киноиндустријата во Македонија и регионот и изградбата на Cineplexx. Неговиот професионален пат беше исполнет со бројни предизвици, успеси и промени, низ кои со својата работа и посветеност остави трага што ќе продолжи да живее.

Сепак, наследството на Иван не се огледува само во професионалните резултати и во сè што заедно со својот тим го изгради. Тоа се огледува и во луѓето со кои го споделуваше секојдневието, предизвиците, идеите и успесите. Тој беше многу повеќе од директор и колега – беше важен дел од нашата заедничка приказна, човек чија енергија, карактер, човечност и љубов кон работата оставаа посебен впечаток кај сите што имаа можност да го запознаат и да соработуваат со него.

Ќе го паметиме по сè што создаде, но уште повеќе по начинот на кој го правеше тоа – со страст, посветеност и верба во луѓето и заедничките цели.

Неговото заминување остава голема празнина во нашата компанија и во срцата на сите што го познаваа. Остануваат спомените, заедничките моменти, пријателствата и сè она што не може да се измери со деловни резултати, а што го претставува највредниот дел од секоја заедничка приказна.

Комеморацијата по повод смртта на нашиот директор Иван Хиниќ ќе се одржи во среда, 18 ноември, во 10:00 часот, во киното Cineplexx во трговскиот центар Skopje City Mall. 

Благодарни сме што имавме можност да го споделиме овој пат со Иван. Неговиот придонес, енергија и дух засекогаш ќе останат вткаени во она што Cineplexx е денес.

Во овие тешки моменти, упатуваме најискрено сочувство до неговото семејство, пријателите, соработниците и сите оние кои го сакаа и почитуваа.

Почивај во мир, драг наш Хине.
Тимот на Cineplexx

16 ноември 2026 - 09:23