„Твин Пикс без Линч не е воопшто Твин Пикс", напиша Сузан Мур, новинарка на Гардијан по повод споменатата одлука на режисерот. Сепак за неа е загрижувачки фактот дека денешните „хипстери" се палат на серија која во основа се однесува на сексуална злоупотреба и насилно убиство на средношколска убавица, само заради тоа што изгледа кул да носиш плисирани сукњи и да знаеш со јазик да врзеш дршка од цреша во јазол. Освен тоа, дури и по две и пол децении, мртвите жени остануваат во центарот на вниманието на бројни телевизиски серии. Но за разлика од нивните убијци кои нè фасцинираат, тие во нив се безгласни, сведени на убави (и да, мртви) тела. Оттаму носталгичната опсесија со Лора Палмер според неа е всушност ретро-некрофилска.
„Мислам дека Линч е гениј со божји лик и често е пресмешен. Но во суштина Твин Пикс е смртно сериозна работа. Целиот град е соучесник во убиството на Палмер - и оваа порака е многу посубверзивна од онаа којашто ни ја комуницира толпата мртви жени со кои во моментов сме хранети преку телевизијата. Линч го лоцира сето ова зло во некој трансцедентален простор, и оттаму често е опишуван како надреалист. Но живееме во свет во кој злоупотребата и убиствата на жени е апсолутно реално. Ова нè погодува кога е на екраните, но во реалноста ја вртиме главата на страна", вели таа (целиот текст тука)
Некогашната екипа на Твин пикс, сепак инспирирана од само една реченица од текстот на Мур, направи видео за поддршка на враќањето на Линч, импровизирајќи на тема „Твин Пикс без Дејвид Линч е како...". Според Шерил Ли (Лора Палмер) серијата без него е како „девојка без тајна". И така си е - без неговата субверзивна мистериозност тоа би била само уште една серија за убава мртва девојка.