Идејата за книгата „Пејачите зборуваат“ дошла од Џејсон Томас Гордон, вокал и тапанар на бендот Кингсајз од Лос Анѓелес, кој барал одговори на прашања што го мачеле како пејач. Во неа се транскрибирани над 70 разговори со денес живи музичари, но и со колеги на такви кои се веќе починати, а ги споделуваат своите искуства од соработката со нив.
На списокот на соговорници се Брус Спрингстин, Тони Бенет, Ник Кејв, Криси Хајнд („Притендерс“), Нора Џоунс, Вили Нелсон, Џоан Џет и многу други. За своите колеги зборуваат Еди Крејмер (за Џими Хендрикс), Т Боун Барнет (за Рој Орбинсон), Најл Роџерс (за Дејвид Боуви) итн.
Иако сечија приказна е различна, она што може да се извлече од сите интервјуа е дека пеењето за музичарите не е само работа на изведба на вистинската нота во вистинскиот момент - тоа подразбира поврзување со публиката, но и со нешто многу поголемо од сето тоа, од една страна со најпримитивниот и инстинктивен дел од себе, а од друга со божественото.
„Сингерс ток“ излезе на 5 септември и веќе стана хит, а големата продажба се должи и на фактот што авторот сиот профит од книгата ќе го донира за децата кои се лечат во болницата Сент Џуд во Мемфис преку невладината организација Music Gives to St. Jude Kids, која е воспоставена за оваа цел. Болницата била основана во 1962 од дедото на Гордон, шоуменот Дени Томас.