Oмилениот црн актер во Источна Германија

Пол Робсон бил афро-американски пејач, актер и активист за граѓански права кој се нашол на црната листа на владата на САД. Неговата животна приказна е тема на нова книга.

Историјата на музиката, филмот и литературата е постојано пре-пишувана, со додавање нови имиња на уметници кои до сега биле маргинализирани или со преиспитување на улогата на етаблираните. Во првата група е црн актер, музичар и активист кој во подоцнежните години од својот живот бил особено популарен во тогашна Источна Германија.

Пол Робсон бил роден во 1898 во Принстон, Њу Џерси, како внук на некогашни робови. Како момче бил професионален фудбалер, пред да стане еден од првите афро-американски филмски ѕвезди. Освен што бил славен на Бродвеј, имал и глобални хитови како пејач со моќен и длабок баритон. Години подоцна, како активист за граѓански права, се здобил со признание за беспоштедната борба против фашизмот, а за еднакви права.

Нова книга на Ханс Брувилер под наслов „Звукот на бесот: црната листа на Холивуд“, објавена во Германија, се обидува да го актуелизира името и биографијата на Робсон која на многумина не им е позната. Меѓу другото, тој бил првиот црн актер од 20 век кој го играл Отело на театарската сцена.

Сепак, има и понеобични детали врзани со неговата активност. На пример фактот што ги читал делата на Владимир Ленин во оригинал на руски, што го привлекло вниманието на властите. Во 1939, откако се вратил од Лондон каде бил признат театарски актер, ФБИ го привело и го испрашувало за неговите про-советски чувства и вклученоста во различни групи за граѓански права. Како што станувал отворено комунистички настроен, така неговата популарност не била веќе доволна за да го заштити од следење и малтретирање, особено во текот на Студената војна.


(Робсон организира бесплатен концерт за шкотските рудари во Единбург)

Ем црн, ем комунист - ова се покажало како фатална комбинација. Робсон бил социјално маргинализиран, забрануван и омаловажуван. Во 1956 бил испрашуван од озлогласениот Комитет за неамерикански активности, поради тоа што одбил да потпише документ дека не е комунист. Му бил одземен пасошот и му било забрането да ги напушти САД во тек на осум години. Комерцијалните радио станици престанале да ги пуштаат неговите песни, а бил и жртва на расистичко насилство - толпа од 1000 луѓе го начекала во местото Пикскил, и едвај извлекол жива глава.

Откако ситуацијата во САД се потсмирила, пасошот му бил вратен, а тој веднаш заминал за тогашната Германска демократска република, како глобален амбасадор против расизам. Таму веројатно бил користен од политичари и функционери на поранешната Источна Германија, на кои им се допаѓале неговите фалби на нивната политичка идеологија. Плус им одговарало преку него да се поврзат со американското движење за човекови права. Особено голем поддржувач во раните 1960-ти му бил германскиот комунистички политичар Валтер Улбрихт. Робсон дури станал и надворешен член на источно-германската академија на уметности.

Сепак, здравјето му било нарушено, па откако минал низ повеќе медицински третмани во Европа, се вратил во САД и тука починал, во 1976. Во контекст на денешните движења за еднакви права, неговото наследство е вредно за повторно спомнување.

извор

22 јули 2020 - 10:48