Во соопштението до јавноста во кое се образложува потегот на привремено отстранување на антологискиот „Однесено од виорот“ со Вивиен Ли и Клерк Гебл од 1939, HBO Max вели дека ги послушал повиците од јавноста, и дека иако филмот е „производ на своето време“, тој содржи „етнички и расни предрасуди“ кои биле погрешни тогаш, а се погрешни и денес. Истовремено, се вели дека филмот ќе се врати на платформата на неодреден датум, но придружен „со дискусија за историскиот контекст“.
Базиран на истоимениот роман на Маргарет Мичел, „Однесено од виорот“ прикажува црни слуги и робови кои остануваат лојални на своите поранешни сопственици дури и откако ропството е укинато. Тој доби 10 Оскари и останува комерцијално најуспешниот филм на сите времиња, доколку неговите заработки се пресметаат земајќи ја предвид инфлацијата од триесетите до денес. Истовремено, Хети МекДаниел стана првата црна актерка номинирана за Оскарот, кој и го доби, за улогата на домашната прислужничка Мами.
Пишувајќи за ЛА Тајмс оваа недела, сценаристот Џон Ридли, кој доби Оскар за „12 години роб“, коментираше дека филмот продолжува да шири „болни стереотипи за обоените луѓе“, и дека најголемите таленти на Холивуд биле собрани за да сентиментализираат историја која никогаш не се случила.
Во изјавата ХБО Макс вели дека задржувањето на филмот на платформата би било „неодговорно“ во отсуство на коментар на расистичките моменти. Други компании тоа го решаваат со предупредувања кои се појавуваат на почетокот на серијата или филмот, на пример пред цртани на Том и Џери, како и на постари филмови на Дизни, во кои се вели дека „можат да содржат надминати културолошки описи“.