Кој доби Пулицер за роман оваа година?

Пулицеровата награда се доделува на најдоброто од новинарството и уметноста, но ова второво често се маргинализира, а во ударните вести акцентот се става на новинарите и медиумите (оваа година Асошијетед прес и Њујорк Тајмс за известувањата од Украина). Да разгледаме што има и во „убавиот збор“. 

За разлика од Букер или Нобел, кога станува збор за книжевноста престижната Пулицерова награда како да е во втор план, сфатена пред сè како награда за новинарство. Добитниците  во уметничките категории главно се сведуваат на еден пасус на крајот од ударните вести, при што насловите на делата-добитници се често и погрешно преведени бидејќи никој не се потрудил да навлезе во нивното значење. А штета, затоа што тука може да има интересни работи. 

Така, добитничка на Пулицер за фикција оваа година е Барбара Кингсолвер за романот „Дејмон Коперхед“ (не „Демон бакар“, како што го пренесоа некои наши медиуми), чиј наслов е асоцијација на Дејвид Коперфилд, ликот од истиомениот роман на Чарлс Дикенс. Но во насловот има уште игри на зборови - главниот лик во романот на Кингсолвер е дете на самохрана мајка-зависничка, па тоа „хед“ во неговото (навидум) презиме може да е асоцијација на сленг од типот на „потхед“ или „метхед“ за корисници на дроги. Истовремено, тој има црвена, „бакарна“ коса.

Најпрвин, самиот потфат на ре-употреба на Дикенс се смета за храбар, бидејќи истото може да се смета како полесен начин да се излезе на крај со градење на лик или „гребење“ од славен претходник. Но она што според критиката ја издвојува оваа книга од оние што го бараат полесниот пат, е тоа што нејзиниот светоглед природно се надоврзува на острата социјална критика кај Дикенс. 

Дејмон е роден од тинејџерка во приколка во Вирџинија. Дури и во оваа сиромашна околина тие отскокнуваат по својата беда, живеејќи во привремена населба која луѓето ја нарекуваат Right Poor (Скроз сиромашна). Мајка му постојано заминува и се враќа од терапија, а Дејмон е препуштен на милоста на соседите и на немилоста на својот насилен очув. Како што велеше Дикенс, „да се биде дете е грозно, да немаш контрола врз ништо“. 

Дејмон станува жртва на социјалните работници кои воопшто не се посветуваат на неговиот случај и на згрижувачко семејство кое го прибира само поради надоместокот. Додека Дејвид е испратен во мрачната Салем хаус, која ја раководи садистички настроениот г-дин Крикл, Дејмон е затворен во голема и сива куќа во сопственост на производител на тутун, по име Криксон. Таму се спријателува со две други момчиња, Томи Водлс, кој постојано црта скелети и со харизматичниот зависник од апчиња Стерлинг Форд, познат како „Фаст Форвард“ поради своите способности како бејзбол играч. 

Додека Коперфилд се прашува дали треба да стане херој на сопствениот живот, Коперхед поставува поинакво прашање: што е всушност хероизам? Кога детето е роден во живот кој изгледа дека не нуди никаков избор, да се биде херој понекогаш се состои од едноставно преживување, и покрај сè. 

Сите останати добитници на Пулицер 2023 тука

10 мај 2023 - 08:25