Режисерот Мартин Гвигви (чул ли некој за него?) бара нов, млад Џејк Ламота, за Разјарениот бик 2, кој на IMDb е опишан како „единствена комбинација на приквел и сиквел кој ја истражува состојбата 'пред бесот' и 'по бесот' на светскиот боксерски шампион од средна категорија Џејк Ламота, или „Бикот од Бронкс" како што бил неговиот прекар.
Првото прашање кое секој љубител на филмов си го поставува е - зошто побогу втор дел? И особено, зошто без Скорсезе? Во интервју за GQ стариот коментира дипломатски: „Немам што да кажам, освен тоа дека јас не би можел да го ревидирам материјалот. Кажавме што имавме да кажеме на времето. Сите тргнавме по поинаков пат".
Медиумите главно иронично ја коментираат најавата за продолжение на славниот филм. Што е следно, велат, „Граѓанинот Кејн 2: гневот на Роузбад" во режија на Сталоне?