За романтична вечер со некој што чита

Дезодоранс за простории и свеќички со мирис на книги

Сте донеле потенцијален партнер дома, атмосферата се загрева, ама таа (ајде да речеме и: тој) љубопитно се загледува по полиците со книги за да ја донесе својата конечна одлука. Ако немате репрезентативна библиотека, или читате електронски, еве едно решение, кое може да ве извади од незгодни ситуации. 

Серијата дезодоранси „Мирис на книги" ги спојува практичноста на е-книгата и мирисот на вашата омилена хартиена книга. Во рекламата за нив се вели дека тие се компатибилни со широка палета читачки направи и формати на е-книги. Серијата вклучува дезодоранс „Бљак, имаш мачки", составен од концентрирани ароми на 20,000 книги купени на старо чиј мирис потсетува на мачји измет, „Aрома на крцкава сланина" која помага во чувството на исполнетост дур читате за време на појадокот, и дезодоранс Scent and Sensibility, со мешавина на арома на коњи, темјанушки и потпури, кој треба да ви асоцира на роман на Џејн Остин.

Ова беше објавено неодамна на сајтот на извесна фирма DuroSport Electronics, но испадна дека е зафрканција. Сепак, иако можеби таков дезодоранс за простории реално не постои, факт е дека специфичен мирис на книги постои, и според хемичарите е комбинација на „киселкасти ноти на трева, со допир на ванила врз подлога од мувла". Тоа е мирисот кој го даваат стотиците испарливи органски состојки кои ги испуштаат листовите хартија, печатарската боја и лепилото. Некои нови книги дури имаат и препознатлива арома за одреден издавач.

Но козметика, свеќи и парфеми чија основа е мирисот на книги навистина постојат. Една серија вклучува наслови како „Визба со книги" со тонови нечистотија и бајатост помешани со ванила и „Оксфордска библиотека", „освежувачка мешавина на дрвенести и земјени тонови, со тонови на тутун и кожа". Најинтересен сепак ни се виде „Мразам парфем во библиотека", линија мириси за тело кои се доволно суптилни за да се вклопат во библиотечната атмосфера. И да не го трујат тој што чита до вас.

 

И сето ова само за да потсетиме на една антологиска мудрост на Џон Вотерс: „Мораме повторно да ги направиме книгите кул. Ако одите кај некого дома и тој нема книги, не му давајте". Во ера на дигитални книги тој/таа можат да се вадат дека им се во компјутер. Ама сепак барајте си барем да мириса на книги. Ако ни тоа не знаат каде се продава, упатете ги тука

 

1 октомври 2014 - 08:31