„Птичја песна“ е проект организиран од Здружението Одибон, едно од најстарите „птичарски“ организации во светот, а негова цел е славење и промовирање на птиците низ уметноста. Музиката е избрана како почетна, бидејќи таа органски се поврзува со типичната претстава за птиците како песнопојни, но тие истовремено се и честа инспирација за музички дела.
Во целина проектот ќе вклучи 220 музичари, актери, книжевници и визуелни уметници, кои ќе ја промовираат радоста која ни ја носат птиците, но и заканите со кои тие, а и сите ние се соочуваме.
Досегашните учесници ги вклучуваат Јо-Јо Ма, Елвис Костело и Бек. Издадена е и збирка од 20 ЛП кои вклучуваат над 200 композиции, птичји звуци и поезија поврзана со птици. Сиот приход од продажбата на пакетите плочи, како и од промотивните настани, ќе бидат користени директно за остварување на мисијата на здружението за заштита на пердувестите пријатели.
Еден од тие придружни настани се одвива во Бруклинската ботаничка градина, каде до 23 октомври ќе трае изложба на отворено на десетина куќички за птици креирани од познати уметници. Секоја од нив овоможува да се научи нешто повеќе за птиците и нивните живеалишта низ очите на уметниците кои работат со различни материјали.
Подкаст епизода за нашите набљудувачи на птици „Луѓе со двогледи: птичарите и нивното чудно јато“ тука