Ал Пачино ќе игра во нов филм за Модиљани во режија на Џони Деп

Пачино ја прифатил улогата на колекционерот Морис Гањат во „Моди“, во филм чие сценарио е направено врз основа на драма на Денис Мекинтаер. Истата беше основа и за претходен филм за овој уметник од 2004, во кој главната улога ја толкуваше Енди Гарсија. 

Џони Деп потврдил дека Ал Пачино ја прифатил улогата во биографски филм за уметникот Амедео Модиљани, што ќе биде втор филм на Деп како режисер по „Храбриот“ од 1997. Насловот е „Моди“, а филмот е заснован врз драмата „Модиљани“ од Денис Мекинтаер. Сценариото е на Јержи и Мери Кромоловски. 

Приказната се случува во период од 48 часа во 1916 година и следи хаотична серија настани низ улиците и кафаните на воениот Париз. Тогаш сликарот бега од полицијата, но неговата желба да ја прекине својата кариера и да го напушти градот е спречена од неговите другари и колеги - францускиот уметник Морис Утриљо, Белорусинот Шаим Сутен и англиската муза на Модиљани, Беатрис Хејстингс. Ситуацијата кулминира кога Модиљани се соочува со колекционер (Ал Пачино) кој му го менува животот.

За улогата на Модиљани е одбран Рикардо Скамарчио, додека францускиот актер Пјер Нини ќе го игра Утриљо. „Моди“ треба да почне да се снима во Будимпешта на есен. 

12 мај 2023 - 21:04