До вчера главни вести во врска со овогодишниот Кански фестивал беа новиот филм на Вуди Ален, „Неразумен човек" со Жоакин Феникс, како и првото појавување на сер Мајкл Кејн во Кан по 49 години, откако во 1966 се налути затоа што Кан не му додели награда за „Алфи". Филмот во којшто игра една од улогите, „Младост" на Паоло Сорентино, е еден од фаворитите за Палмата, а за неговата улога пак му предвидуваат Оскар. Од вонфилмските муабети, пак, актуелни беа оние за враќањето од проекциите на жените кои не носеле штикли (меѓу нив и госпоѓа со ампутирана лева нога), што предизвика бура на Твитер, како и за гардеробата на ѕвездите.
Но вистинската посластица се случи вчера, со премиерата на филмот „Љубов" на Гаспар Ное, прв уметнички филм кој содржи секс сцени снимени во 3Д. „Со години сонував да направам филм кој целосно ќе ја претстави страста на еден млад заљубен пар, со сите физички и емоционални прекумерности", изјавил Ное пред прикажувањето. Всушност, и самиот главен лик во филмот е режисер со истата амбиција, да направи експлицитен филм за љубовта и сексот. Тој е млад Американец во Париз, кој си ја бара неговата загубена љубов Електра, и се сеќава на интензивните моменти поминати заедно.
Француско-аргентинскиот режисер и претходно имаше контроверзни филмови - неговиот „Неповратно" (Irreversible) го има предизвикано најбројното излегување од сала во канската историја, заради бруталната 9-минутна сцена со силување. Овој пат публиката место да излезе се туркаше да влезе во салата - и покрај тоа што имале билети некои од нив извисиле. „Тоа може да се случи само во Франција", вели критичар од Њујорк Дејли Њуз, додавајќи го својот восхит од „атлетските пози и стереоскопскиот ефект" на филмот, кои сосема сигурно нема да бидат такви во неговата американска кино верзија.
Сепак, голем број негови колеги не се восхитени, а еден од нив изјавил: „Филмот на Ное дефинитивно не е порно - дијалогот не е на потребното ниво".
Еве го трејлерот. Забелешка: има бацување!