Инициран од неформалната група на граѓан(к)и „Од нула до нула“, на 20 март (понеделник) во Скопје ќе се случи настанот „Беа Џонсон во Скопје: Како до една тегла ѓубре годишно?“. Осмислен како прва во низата активности коишто ќе имаат за цел да го доближат концептот „нула отпад“ до просечниот македонски потрошувач и да охрабрат негова практична примена во овдешниот контекст, настанот е составен од две предавања кои ќе ги одржи Беа Џонсон, една од најгласните поборнички за ослободување од стегите на консумеризмот и за (по)едноставно живеење.
Оваа Французинка која живее во Калифорнија, денес ја сметаат за вистинско гуру за нула отпад! Има и зошто – од 2008 година наваму, таа успева, заедно со своето семејство, да произведе само една тегла ѓубре годишно! Преку својот веб-сајт и исклучително продаваната книга „Дом без ѓубре“ (Zero Waste Home), која досега е преведена на 14 јазици, таа отпочна глобално движење и неуморно ги инспирира луѓето низ светот да му се спротивстават на непотребниот отпад и така да живеат (по)едноставно.
Нејзиното начело гласи „речи не, редуцирај, реупотреби, рециклирај, компостирај, и тоа само по тој редослед“. Ги поткопува предрасудите, покажувајќи преку сопствениот пример дека живеењето без отпад не само што (може да бид)е живеење со стил, туку и носи значајни здравствени придобивки, како и заштеда во време и пари. За живеењето во духот на „нула отпад“ зборувала во бројни телевизиски емисии, како и на универзитети, корпоративни и TEDx настани и конференции низ целиот свет, вклучувајќи ги Гугл, Епл, Европскиот парламент и ООН.
Нејзиното гостување во Македонија е во рамки на нејзината европска турнеја која се надоврзува на досегашните пет, односно на низата од над 150 говори во повеќе од 20 земји на пет континенти. Кај нас, таа ќе одржи две бесплатни предавања и тоа, на Универзитетот Американ Колеџ – Скопје во 16.00 часот и во „Јавна соба“ во 19.00 часот. Поради ограничениот број на места, пријавувањето е задолжително преку веб-сајтот odnuladonula.mk
Најголемата поддршка за настанот засега ја обезбедија колективниот постапувач со отпадни батерии, акумулатори, електричен и електронски отпад „Нула Отпад ДОО – Скопје“, првата овластена и лиценцирана компанија за собирање, транспортирање, складирање, третман и преработка на отпадните масла и масти за јадење од растително потекло „Суниленс ДООЕЛ“ и колективниот постапувач со електричен и електронски отпад „Екон Електрон“. Организацјата на настанот, пак, ја помогнаа Друштвото за управување со отпадот од пакување „Пакомак“, Асоцијацијата за развој на нови опции – АРНО, Здружението за креативно талкање „Самоник“ и креативниот колектив „Ококори“.