Зошто докторите се толку навлечени на вага?

Анализа во која се мерат шест здравствени индикатори (притисок, шеќер, отпорност на инсулин, холестерол, триглицериди и ЦРП) покажува дека 27% од предебелите и 47% од дебелите луѓе се здрави. Во исто време 30% од луѓето со нормална тежина се пред ризик од дијабетес и срцеви заболувања.

И покрај ова, посебно во САД, во дијагнозата на докторите тежината речиси задолжително главниот виновник за некој здравствен проблем кај дебелите пациенти. Со вакви почетни позиции, решението секогаш се сведува на препишување диета на пациентите. Проблемот со држењето диета, е што слабеењето е само привремено.

"Долгорочни студии покажуваат дека најголем дел од луѓето на диета ја достигнуваат најниската килажа во периодот од 6 месеци до една година по започнувањето на диетата. Потоа постепено ја враќаат килажата, често пати качувајќи и повеќе од тоа што имале.

Слабеењето е тешко да се одржи затоа што мозокот користи повеќе различни моќни алатки за да го врати телото во нормална состојба. Мозокот ја ограничува енергијата што мускулите ја согоруваат, додека во исто време го зголемува чувството на глад и нè потсетува колку е добро да се јаде.

Ваквите реакции можат да траат од 6 години, што е најдолгото што некогаш било научно мерено, и веројатно до бесконечност," објаснува околу слабеењето авторката на книгата Зошто диетите нè дебелеат, Сандра Амодт.

Заради ова и цел список други механизми кои се стартуваат во мозокот додека избегнуваш јадење, Амодт препорачува докторите да се фокусираат на конкретни навики што е полесно да ги смениме, како на пример вежбањето. Како дополнителен аргумент, таа наведува студија од 1999 според која луѓето кои вежбаат, дури и умерено, е 200 до 250 проценти помалку веројатно предвремено да умрат, отколку луѓето што не се мрдаат од кауч, без разлика на нивната тежина.

"Докторите треба да разберат дека е можно да се имаат повеќе килограми, а и понатаму да си во добра крадиоваскуларна форма. Луѓето кои се дебели а во добра форма, имаат 21% поголем ризик од луѓето со просечна тежина и добра форма, што е толку мала разлика што може да е и чисто случајна.

Овие податоци покажуваат дека навиките за вежбање се далеку поважни отколку тежината во одредување на ризиците од прерана смрт.

Според истражувањата, вежбањето има многу посилен ефект врз здравјето на дебелите луѓе, отколку кај оние со просечна тежина. Заради ова посебно е важно за докторите да ги поттикнат своите дебели пациенти да вежбаат," пишува Амодт.

Авторката за крај на својот текст во Кварц порачува:

"Сумирано, тежината не е многу добар индикатор на здравје. Континуираната збунетост на докторите околу ова има сериозни последици. Ако луѓето веруваат дека тежината е најдобар индикатор за нивното здравје, поверојатно е тие да се обесхрабрат во моментот кога ќе престанат да напредуваат кон тежината што сакаат да ја постигнат и да се откажат од нивните нови, и поздрави навики.

Ако докторите сакаат да им бидат од корист на пациентите тие треба да престанат да ја бркаат фатаморганата на универзалната тежина. Наместо тоа треба да се фокусираат да им помогнат на пациентите да создадат здрав, одржлив животен стил што вклучува доста вежбање, здрава храна и минимален стрес - и да научат дека здравјето на нивните пациенти е повеќе од само бројка."

2 јуни 2016 - 14:51