Конго измисли 6.000 мртви, само за да продаваат вакцини

Од измислена смртоносна епидемија на измислени смртоносни сипаници во Демократската република Конго починаа измислени 6.000 луѓе. Нормално дека ништо од ова не е измислено, ама кој да се објаснува.

По сегашни бројки, во Конго три пати повеќе луѓе имаат умрено од сипаници отколку од ебола.

Според СЗО ова е моментално најсмртоносната епидемија на сипаници во светот, која како и сите слични на неа, во кој било дел од светот, можеше да биде спречена со вакцинирање. Освен не-вакцинирањето, епидемијата значително е помогната од неухранетоста на населението, слабиот здравствен систем во земјата и проблемот со пристап до ранливото население во земјата.

Минатата година во земјата имало околу 310.000 случаи на сипаници, а и покрај тоа што СЗО заедно со локалните власти успева да вакцинира над 18 милиони деца под 5-годишна возраст, во одредени делови од земјата, вакцинацијата и понатаму останува вонсериски ниска. Посебно проблем знаат да бидат деловите од Конго во кои оперираат паравоени формации.

Појавата на ебола дополнително ја искомплицира целата ситуација затоа откако го привлече вниманието на меѓународната јавност, па под последователниот притисок властите најголемиот дел од ресурсите го насочија кон нејзино искоренување. Во земјата од ебола починаа 2.231 човек.

8 јануари 2020 - 12:35