Депресијата не е прашање на серотонин

Ако есенва сте нешто даун, да знаете, не е до хемијата. Нема разлика во нивоата на фамозниот серотонин кај депримираниот и недепримираниот мозок. Добри познавачи на менталното здравје потсетуваат дека тие никогаш и не тврделе поинаку; проблем е кога фармацијата ќе запне а народ ќе си прераскажува што има чуено.

 Откако ќе ги набројат симптомите на депресијата, во една реклама за антидепресантот „Золофт“ќе се каже:

„Причината е непозната но депресијата може да е поврзана со нерамнотежа на природните хемикалии меѓу нервните клетки во мозокот. Золофт работи да ја корегира таа нерамнотежа. Веќе не мора да се чувствувате така.“

Хемикалијата на која се реферира е серотонинот, невротрансмитер со многу функции во мозокот за кој долго време се теоретизира дали има врска со симптомите на депресија.

Приказната беше дека депресијата е предизвикана од „хемиски дисбаланс“ на прениски или превисоки нивоа на серотонин и дека земањето антидепресив или пак селективен инхибитор (SSRI), го штима вистинското ниво на серотонин во мозокот и прави човекот да се чувствува подобро.

Заради вакви и слични фармацевтски шашми кои, за да стане работата бетер, во меѓувреме станаа „знаење од општа култура“, јасно е зошто како бомба одекна студијата која утврди дека не постои ниту еден доказ за значителна разлика во хемискиот баланс во мозокот кај луѓето што се во депресија и луѓето што не се.

Но, приказната за „серотонинот и депресијата“ беше само тоа: приказна.

Клиничари потсетуваат дека оваа теорија веќе извесно време не е широко прифатена од заедницата за ментално здравје. Новата студија и паниката околу неа ја откриваат постоечката „шизма“ помеѓу она што професионалците за ментално здравје го знаат и како тоа го разбира  пошироката јавност.

Во општата дебата се наметнаа две прашања, а според академик Луси Фалкс (види: Што не штима околу свесноста за менталното здравје) истражувањето одговара само на едно од нив.

- Дали нивоата на серотонин се различни кај луѓето во депресија? Студијата укажува дека не.
- Но, дали антидепресивите можат да им бидат од помош? 

“Студијата воопшто не се бави со ова прашање. Опасноста лежи во тоа резултатите од ова истражување да се користат како одговор на прашање кое не е адресирано,“ вели психологот.

За оние најљубопитните, збор-два на темата и од покојниот проф. Владета Јеротиќ, кој пак за себе тврди дека не знае сè:

4 ноември 2022 - 15:22