Психолошката разлика помеѓу 12,00 и 11,67 долари

Потрошувачите веќе се навикнаа на „,99" цени, но оние кои отстaпуваат од ваквиот формат можат да влијаат на толкувањето на тоа колку всушност трошите.

Тим Хафорд, автор на книгата „Тајниот економист" (The Undercover Economist) и колумнист во Фајненшл тајмс, има објаснување за тоа зошто цените обично завршуваат со „9". Првата работа е нешто што се нарекува „ефектот на левата цифра", којшто сугерира дека потрошувачите едноставно не обрнуваат внимание на десниот крај на цените. Умот става нагласок на првата бројка од лево, па иако 59,99 е поблиску до 60, умот го регистрира и помни само она „5". Другата теорија е дека цените кои завршуваат на ,99 сигнализираат некаков попуст или добра зделка.
Накратко, потрошувачите ги сакаат цените кои завршуваат со 9, а праксата покажала дека ставањето вакви цени на артиклите ја зголемува продажбата.

Сепак, во други области од животот, вакви бројки ретко користиме. Пробајте некому да му кажете „ќе ти се јавам за 5,27 минути". Оттаму, намерното ставање цени со децимала има за цел да го привлече вниманието, а особено ако тоа не е со ,99 туку се формирани на поинаков начин - тогаш потрошувачите не се базираат (само) на нивните чувства, туку и навистина проценуваат (односно се натерани да размислуваат) дали нешто е добра цена.

Oва го заклучува нова студија објавена во списанието Journal of Consumer Research, и тоа базирано врз пет експерименти. Истовремено, таа покажува дека цените на различни типови производи се толкуваат на различен начин. На пример, оние кои се за рекреација или за уживање подобро поминуваат ако се со округли цени: потрошувачите повеќе сакаат да купат шише шампањ доколку неговата цена е рамно 40 долари, отколку шампањ со цена од 40,28 отколку 39,72. Но производите за секојдневна употреба подобро се продаваат ако имаат незаокружена цена. Експериментот содржел и финта: една иста камера купена за работа (на пример школски проект) и за на одмор психолошки се доживувала како различен производ и нејзината цена оттаму била толкувана различно.

Заклучок: округлите цени асоцираат на луксуз и хедонизам, нешто на што не треба и не смее да се штеди (кад је бал, нек је округла цена). Па дури и ако се работи за обичен сендвич изеден набрзинка на пауза, ако тој чини точно 2 долара (или 100 денара) можеби човек ќе го изеде пораат, потсвесно сметајќи дека се части со нешто повредно.

4 февруари 2015 - 17:24