Дали на децата треба да им се каже вистината за Дедо Мраз?

Родителите ќе се сложат дека не треба да се лажат децата. Па сепак, повеќето од нив ќе направат отстапка од ова правило кога се работи за Дедо Мраз. Дали на децата треба да им се каже вистината за дедото кој еднаш годишно ноќе го прави она што Груевсски везден го прави денски: да оди меѓу луѓето и великодушно да им го раздава тоа што го сакаат. Ако се добри.

Се разбира, не сите се фанови на белобрадиот дедо. Во нашиов дел од светот отпорот често е од традиционалнистички или религиозни причини кога на Дедо Мраз се гледа само како на комерцијализирана и извитоперена верзија на нашите автентични и традиционални вредности и ликови.

Други возрасни пак, искрено му се радуваат како можност барем за кратко повторно да ја живеат магијата од своето детство.

Вообичаената загриженост е дека лажењето ќе ја поткопа довербата на детето кон родителите. Ок, но кој од нас уште смртно им се лути на нашите што нè лажеле за Дедо Мраз? Некои препорачуваат и компромисни решенија од типот: "Ај ќе се правиме дека Дедо Мраз постои и да видиме што ни оставил под елката".

Како втор потенцијален проблем се наведува дека верувањето во Дедо Мраз може на децата да иm го отежне разликувањето на фантазијата од реалноста и евентуално да го одложи когнитивниот развој.

Но. истражувачи утврдиле дека некогаш ситуацијата е обратна: децата со бујна фантазија честопати се подобри во повлекувањето граница меѓу неа и стварноста. Многумина од нив имаат и свои измислени пријателчиња со кои комуницираат и се дружат па сепак, со тек на времето и растењето тоа природно се губи.

Аргументите за одржување на вербата во Дедо Мраз се следниве: како прво, нивното задоволството од идејата дека постои некој Добар дедо кој носи подароци и второ, вербата дека треба да бидат добри за да бидат наградени.  Се разбира, во меѓувреме родителите треба да ги научат да бидат добри и без новогодишниот бонус.

Накратко, краткорочните радости од Дедо мраз се драгоцени за детството а долгорочни последици нема ако сè друго е во ред. Ако малиот ви има 28 години и на први јануари сабајлето трча да види шо има под елката, па, бубнете го, ваше дете е.

24 декември 2015 - 15:09