Фото цинкање

Во Бостон досега беше забрането фотографирање во јавниот превоз. Полицијата сега ја менува песната и охрабрува сликање, промовирајќи ја апликацијата со која можете директно да накодошите некој сопатник.

Сега во Ајфон а подоцна и во Андроид верзија, полициската апликација им овозможува на луѓето од Масачусетс инстантно да пријават секакво сомнително однесување на некој патник.

Комуникацијата е двонасочна. Снимената фотографија веднаш се праќа до полициската станица а дежурните диспечери го преземаат случајот па доколку е потребно, ве прашуваат за дополнителни информации.

Рестрикции за фотографирање во јавниот превоз беше воведена во 2001-ва, после терористичките напади на Њујорк.

"Сфативме дека згрешивме и дека полицијата сама тешко може да се справи со идентификување на прекршителите. Сакаме корисниците да бидат нашите очи и уши", изјавија од транзитната полиција на Бостон.

21 мај 2012 - 17:27